Расказ за Оливера Срезоска и девојките, случајот со гаќичките

Поодамна сакав да ви раскажам за другарката Оливера Срезоска, нашиот помошник-управител на домот. Сигурно тоа ќе беше по ред, тоа на крајот таа го заслужуваше, — но вие ќе разберете дека човек понекогаш сака да избега од редот. Токму тоа, да избега, од редот. Токму тоа, да избега, да избега, се колнам. А и кој не се чуваше, кој не бегаше од другарката Оливера Срезоска?

Чудно беше тоа суштество, имаше женско име, а со сигурност може да се каже дека ништо убаво, нежно не извираше од него. Знаеше до бесконечност да измислува, да спроведува, да исполнува, да реализира акции. Проклет да бидам, токму тоа, — акции. Поправо, како умееше таа да измислува, тоа беше нешто особено, спец. Неретко името `и се спомнуваше по рефератите, ѕидните весници и локалниот печат. Другарката Оливера Срезоска се истакнуваше како пример за бескласното општество, се колнам. Токму така, пример за бескласното општество.

Девојките пред неа се тресеа како лист на гранка. Проклет да бидам, како лист на гранка. Ако таа им речеше да лазат, тие без збор ќе легнеа наземи и ќе правеа така како што им беше заповедано. Просто така, како ќе заповедаше другарката Оливера Срезоска. Таа беше мајстор за казни, тоа мораме да го признаеме. Не, секакви казни, евтини, обични, веќе не ја задоволуваа. Сега и таа сфати — не вредеше човек да си ги валка рацете со ситни и безначајни работи. Другарката Оливера Срезоска или ќе спроведеше некоја значајна акција, или ќе треснеше. Во сето тоа другарката Оливера бараше содржина, смисла. Нејзината жештина беше толку голема, а во исто време и толку ниска, мала, толку гнасна, што не можеше тукутака, просто, едноставно да се погодува. Таа како вешт мајстор ги ткаеше работите, таа искрено се внесуваше, со сета своја душа. Проклет да бидам, веруваше. Само за првите неколку месеци изведе шест такви акции, од кои две со сигурност ќе останат во историјата на домот.

Првиот случај беше со гаќичките. Имаше другарката Оливера Срезовска едни црвени, крос-гаќички. По фотографиите со ликот на генералисимусот, гаќичките `и беа нешто најсвето во нејзиниот живот. Проклет да бидам, најсвето. Добро си спомнувам, за црвените гаќи на Оливера Срезоска се говореше со почит, со општествено, политичко и морално уважените — (Сигурно, такво нешто не може да се замисли за обичните). Тоа беа спортски гаќички што ги добила од комитетот за фискултура и култура, како победник во есенскиот крос по повод ослободувањето на градот. Ете, `и беа мил спомен. Се знаеше, ги облекуваше само за државните празници и тогаш, о боже, одеше малку поинаку одошто обично. Изгледаше некако во занес, како малку внатре да `и беа. Проклет да бидам, оддалеку можеше да се распознае дека тој ден сигурно е некој значаен празник. Но штом ќе минеше свеченоста, се колнам, таа уште истиот час ги слекуваше и веднаш ги оставаше малку на сонце за да се проветрат. Тоа добро, природно. Сигурно затоа и толку избезуме тој пат, поштукна. Проклет да бидам, токму по еден таков празничен ден другарката Оливера Срезоска остана без своите најмили гаќички. Проклет да бидам, без своите црвени гаќи. (Подобро целата да сте ја слекле, душата да сте `и ја зеле.) Господе, колку беше избезумена, ’ржеше. Мислевме дека тој ден на некого му е пишано, некого сосе партали ќе го изеде.

Без збор сите `и се тргнавме од патот, како сенки се прилепивме на ѕидот. Сите бевме крај ѕидот, машко, женско. Проклет да бидам, стравот беше голем. Без команда н`е построи погледот на другарката Оливера Срезоска. Чиниш проклетиот ѕид го држиме да не падне. Како никогаш дотогаш, беше пусто и бездушно во целиот дом. Единствено што можеше да се види во дворот беше она дрво располовено од гром и несреќната, темната Оливера Срезоска. Беше длабоко, најдлабоко боцната во своето срце, отруена. Слатко во златно лажиче да `и понудевте, во тој миг ќе одбиеше, с`е, с`е и беше отров. Тоа дрво и Оливера Срезоска, — никој и ништо повеќе како да немаше наоколу. Две куси, осакатени сенки среде домската пустош ја измеруваа својата ништожност. Тешко беше да се погоди дали дрвото или другарката Оливера беше понесреќна.

Тој час на исчекување траеше цел век. Гаќи, можеби ќе речете, но за некого тоа беше живот. Проклет да бидам, живот. Најпосле, ја измолкна свирката од градите, даде знак да се постројат девојките. Чинам, с`е уште го слушам тој отсечен писок на свирката. Проклет да бидам, како да го располови целиот дом. Сите деца.

Кутрите наши девојки. Тие пак, можеби повеќето одеа и сосема голи под грубите, штофени фустани. Проклет да бидам, одеа сосема природно. А ако некоја имаше слични работи, тие и беа толку многу износени што веќе сигурно беа отворени на средината. Проклет да бидам, од каде гаќички за девојките! А скоро сите беа во тие години, само што запупулеле. Кога поседнуваа наземи, мораа цврсто да си ги стиснат колениците за да не се оддадат. Којзнае колку им беше тешко на нашите девојки, на тие малечки пупки што токму заврзале. Искрено речено, девојките беа и единствената убост во домот. Секој ден, секој час тие с`е повеќе го разубавуваа животот наоколу, — туку гледаш како цвеќе никнато од под камен ќе те изненадат за чудно чудо. Чудесно ќе те изненадат, ќе ти го изнаполнат срцето со топол ветар и веќе си сосема друг — гледаш само убави работи. На некоја, ете, устата `и станала блага, мека, чиниш `и тече мед, друга те изненадила со долг и светол поглед, мил, срцето да ти го стопли, чиниш над главата ти се отворило небото, виножито, те гали, о боже, трета пак срамежливо ведне глава кон земјата, се срамува, кротко, како јагне, гледаш `и се позашилиле градите. Проклет да бидам, сето тоа толку убаво, чудесно се покажуваше во таа пустелија, како чисто зрно се делеше од општиот живот. Нашите девојки потсеќаа на нешто најчисто, најубаво, на цвеќенце што расцутува, на нежно, тенко тревче што се вее на благиот пролетен ветар, потсеќаа на с`е добро што може да посака срцето. Проклет да бидам, на знакот од Оливера Срезоска, без збор се стрчаа која пред која, нешто да не закаснат. Сплеткани, неми веднаш застанаа во строј. Проклет да бидам, неми.

Чекаа. Оливера Срезоска с`е уште вртеше околу дрвото, ја мереше, ја премеруваше својата сенка. Најпосле, некако совладувајќи се, низ заби процеди, рече:

— Кој го направи тоа, девојки? — праша страшно, ужасно. Проклет да бидам, тоа така го рече што човек мораше да `и верува дека пати, дека многу, премногу пати, оти и крвави срцето.

Девојките молчеа како кипови, залиени. Проклет да бидам, залиени.

— Кој го направи тоа гнасно дело, девојчиња? — повтори гледајќи од една до друга, редум.

Девојките молкум ги веднеа главите. Ниедна од девојките не крена глава.

— Уште подобро, — рече другарката Оливера Срезоска, — казната ќе биде двојна ако не се признае. Напред, — потоа заповедаше, ги спроведе во спалната.

Претресот траеше неколку векови. Проклет да бидам, неколку векови. Извиде с`е што можеше да се види, ги преврти сите кревети, откорна с`е што се корнеше. Откако н`е најде ништо, ја фати уште поголем бес, заповеда налево круг, во мијалницата. Сите девојки ги напика во мијалницата и им нареди да се слечат до гола кожа. Мајко моја, да се слечат до кожа. Мијалницата беше една неподнослива земјаница, жива мразарница. И лете и зиме тука беше мраз. Никој не можеше подолго да остане во мијалницата а да не се навлече некоја лоша болест. Тоа беше едно од најпроклетите места во целиот дом.

Проклет да бидам, девојките послушно ја извршија задачата. А Оливера Срезоска без збор ги собра алиштата и се оддалечи оставајќи ги под клуч.

— Штом ќе одлучите, решите да признаете, — им рече, — ќе бидете слободни.

Потоа сосема мирно, очевидно поуспокоена, го заврти еднаш, двапати, до трипати клучот во бравата.

Сигурно ќе речете невозможно, можеби и ќе се смеете, понекогаш и самиот помислувам, и сигурно тоа не се случува само со мене, мислам тоа е сон, некој грд, нестварен сон, привидување. Но вие морате да верувате, се колнам, зар не се случија толку невозможни работи, зар верувавме, пријателе?

Сите од ред тој ден како залепени останавме на ѕидот, како да го делевме мразот што го глодаше срцето на нашите девојки. Господе, како боцкаше, како болеше, како беше сето тоа незамисливо, незамислено, невозможно. Некои уште истата пролет прокашлаа крв. Вера Николоска, Босилка Кочоска — Балеринчето, Крстинка Китаноска, Даница Стојаноска — Артивчето, Родна Трендафилоска… Проклет да бидам, уште веднаш беа испратени во диспанзерот за градни болести.

Каде се сега тие, нашите девојки, нашата убост, нивните светли погледи, убави, мили очи, нивните малечки гради, — што е со сите нас, каде сме, каде сме сите ние, дали е ова сон или јаве? Проклет да бидам, што се случило со Големата вода?

Подоцна некој ги пронајде и гаќите. Во кујната ги употребиле за мивки…

Вториот случај беше нешто од поопшт карактер и сета таа работа не се заврши само со внатрешни, домски мерки. Проклет да бидам, се прошири и на политички план. А во почетокот ни беше врашки смешно, весело. Проклет да бидам, весело. Се шегачевме царски, ама беше смешно, ама беше весело, луѓе! Некој убавец, којзнае како се мушнал во собичката кај другарката Оливера Срезоска и ете ти циркус, просто-напросто на генералимусот му ја бојадисал со бела боја левата страна од мустаќот, му ставил и некои други знаци на лицето. Господе боже, колку многу овој случај го погоди младото и чисто срце на другарката Оливера Срезоска. Замислете си, тоа нејзе да `и се случи, на нејзиниот љубен, на нејзиниот сакан, мил, најмил, светол, најсветол лик. Проклет да бидам, само да ја видевте однекаде, само да ја слушневте. Се чинеше дека `и умрел татко, нешто најмило, таков еден крик излезе од нејзините гради. Крикна и од возбуда, како покосена, истиот час падна на душеме. Проклет да бидам, никој не знаеше што се случува; се правевме на удрени. А те боли, кучко една, си говореа децата меѓу себе, тихо. Таа како заклано пиле се фрлаше на душемето. Проклет да бидам, одвај со вода и шеќерче ја повратија. Нејзиниот млад живот беше на конец, се исплаши и татенцето, се колнам, со најнежен глас ја храбреше, ја будеше. `И дувкаше во лицето, мило `и говореше:

— Другарке Оливера Срезоска, — со толку милозлив и добродушен глас ја довикуваше, — крени глава душичке, шепнеше, не жалости го општото дело, не умирај, не умирај, мила другарке, не попуштај во цветот и летото на твојата младост, не жалости го општото дело, како секојпат прибери сила, стани смело, — проклет да бидам, пропеа татенцето, се отвори, просто како поет говореше, низ песна.

— Пробуди се, разбуди се, другарке Оливера Срезоска, сестро наша, — ја будеа и кутрите девојки со солзи во очите, о, проклет да бидам, тие вистински се расплакаа, од срце се молеа за здравјето на Оливера Срезоска. — Разбуди се, разбуди се, другарке Оливера Срезоска, многу тешко, многу мачно ќе ни биде без тебе, — се кршеа кутрите девојки.

Тој плач, се чини, најпосле ја пробуди. `И се отвори левото око, страшно, крваво, промрморе:

— Злочин! Злосторство! — повторно крикна и пак се изгуби. Очигледно, возбудувањето не `и чинеше добро. Проклет да бидам, неколку векови остана така во матно, во занес, туку се будеше, туку се губеше, бладаше. Еднаш дури и запеа, така во сонот, проклет да бидам, голема беше нејзината мака, душата ја болеше.

Случајот, како што потоа се покажа потоа, бил навистина многу сложен, многу сериозен, дури тенок, деликатен. Не, не беше во прашање само еден млад човечки живот, — самото дело, проклет да бидам, самото дело беше тешко над триста тони. Испитувањето траеше деноноќно, — еден по еден не повикуваа во управителовата канцеларија. Проклет да бидам, еден по еден, сите по ред. Без разлика, почнувајќи од нас домците до персоналците и управа сосе учителите и воспитувачите. Тука веќе немаше каде, и тие го изгубија сонот, — доволно беше на нас да падне сомнежот, на некој глупав начин да сте го навлекле на себе или некој само со прсте да поткажал на вас, о мајко моја! Сите, сите треска ги тресеше, од првиот до последниот човек во домот тие денови беше болен.

Испитувањето за нас домците течеше во неколку фази. Најпрвин како ништо, се колнам, н`е тераа да ја раскажеме биографијата на Јосиф Висарионович Сталин. Каде се родил, кога, од каква мајка, од каков татко, — се разбира, од семејството на бедни родители, селани, работници, уште во младоста го почувствувал тешкиот живот, неправдата, црната експлоатација… Основно училиште завршил со одличен успех во родното селце, учел и истовремено во сите работи им помагал на сиромашките родители. Уште во раното детство се одликувал со трудољубивост, човекољубивост, и големо другарство. Послабите ученици ги поучувал во читање и правење слободни состави, книгата била неговиот најмил другар. Меѓу врсниците се делел со големата мудрост, необична за неговите млади години, скромност, повлеченост, човечност, со еден збор — бил вистинска слика на својот поробен, несреќен народ. Но жедта за слободен живот во него била поголема од сите други желби, слободата уште од најраните години била втисната во неговото срце. Таму негде, во цветната, раскошна земја, пасејќи ги коњите среде бескрајните полиња… Често, среде игра со своите врсници, во најголемиот занес ќе застанел и, како вкопан, се загледувал во сонцето што заоѓа. Проклет да бидам, како вкопан. Особено го привлекувале тешките, крвави облаци на вечерното небо…

Морам малку да се пофалам, се колнам, другарот Аритон Јаковлески, а не и само тој, сите членови, дури и самите иследници, беа задоволни од моите одговори, ме слушаа со отворена уста. И откога завршив, тие некое време останаа така здрвени, со отворени усти. Ме гледаа со мили, благодарни очи, како да велеа: — Благодариме, Леме, да си живо, да си здраво, умно момче, секогаш среќа да те следи во животот, голем човек да станеш, најголем! Признавам тој час и моето срце не беше многу мирно, ме опфати силна возбуда, никако не можев да го совладам, бев присилен да викнам: — Да живее! — и некои други големи работи. Проклет да бидам, малку ми олесна, ме понапушти стравот. Сметав дека го исполнив својот долг. Испитувачите тогаш искрено ми честитаа, ми подадоа рака, проклет да бидам, се поздравивме.

— Мило ми е, Леме, — рече татенцето и ми подаде рака, ме уништи.

Одговорив, повеќе од возбуда отколку од учтивост. — Исто така, татенце.

На ова тој ми рече: — Викај ме другар, мило момче. А сега збогум, н`е чека голема работа, уште ќе поразговаравме за твојата иднина. И, се колнам, лично ми ја отвори вратата, се најдов на слобода.

Стресените деца во салончето што чекаа на ред зинаа од чудо, им замрзнаа малите, рибји очи. Никој не знаеше што се случило. Проклет да бидам, колку што можев повнимателно му намигнав на Кејтен, тоа беше нашето помирување. О, боже, кога ме виде тој таков меур, надуен, преправач, најголем преправач, штурец, лажливец, непромислено прсна во смеа. Тој знаеше, с`е знаеше, проклет да бидам. Ела сега запрете го Кејтеновиот син да не се смее!

Само што, затворената врата зад мене веднаш брзо се отвори. Повторно се појави татенцето, блед како крпа, без капка крв во лицето, одвај процеди:

— Се смееше, Кејтен, нешто ти е смешно, скоте! Влези!

Видов, се колнам, влезе с`е така засмеан. Кој можеше сега да го запре Кејтеновиот син да не се смее, проклет да бидам, ќе се смее како ѓаволот, сто векови.

— Кејтенов сине, — му заповедаа, — престани да се смееш!

— Зошто се смееш, што има смешно?

— Ништо, ништо, чесен збор, — говореше Кејтен, — а од него потекнуваше уште поголема смеа.

— Исак Кејтен, заврзи ја таа твоја гадна муцка, — му рече Оливера Срезоска избезумена, — заврзи ја проклетнику!

— Не можам, — искрено одговори Кејтеновиот син, да умрам не можам, Оливера Срезоска. — Само уште малку потоа додаде.

Но тогаш Кејтен на масата имаше прилика и лично да го види побелениот мустаќ на Јосиф и дури сега ништо не можеше да го запре. Се смееше со сето свое срце. Се смееше како господ, проклет да бидам, како господ. Тоа веќе другарката Оливера Срезоска не можеше да го издржи, и така живците, нервите `и беа искинати, за никаде. Смеата на Кејтеновиот син ја боцна најдлабоко во срцето. На сета мака што ја претрга, проклет да бидам, ова `и беше врв.

— Престани ненароден елемент, — изусти другарката Оливера Срезоска, господе, ечеше целиот дом, — престани проклет скоте, скоте, скоте! Злочинец! Злосторник!

Кејтеновиот син само што сакаше да престане со смеата, само што му дотекуваше. Но, кога погледна во заѕвереното лице на Оливера Срезоска, тој повторно се провитка, не сакајќи, лудо, смеата сама му дојде. Оливера Срезоска сега не издржа. Со тоа што `и беше в раце го нападна, со перодршката со која ги бележеше нашите одговори. Проклет да бидам, со перодршката. По лице, по очи. Го бодеше неговото лице, неговите раце што се обидоа да си ги заштитат очите.

— Мајко моја, — рече Кејтеновиот син бранејќи си ги само очите, — мајко, моја, останав без очи… — рече и му секна смеата.

Го изведоа со крваво лице, избоден.

— Мајко моја, — сеедно повтораше Кејтеновиот син, како да не веруваше што се случило, како да не знаеше каде се наоѓа.

Со група од неколку сомнителни момчиња го затворија во подрумот.

— Тој е, само тој е и никој друг, — доаѓаше гласот на Оливера Срезоска, таа с`е уште не можеше да се смири.

Јас ниту тогаш, ниту подоцна не можев да замразам човек. Бев слаб и често со глава удирав во ѕидот, неретко поради тоа крвавев, но никогаш во себе не носев злоба, таква одвратна тежина. Можев да му простам на секого и за се, с`е колнам. Но Оливера Срезоска, нашиот помошник-управител на домот, првпат не знаев како да ја гледам.

— Кејтен, пријателе, го барав насекаде, го немаше, — Кејтен, чинам реков на глас, но луѓето ракоплескаа. И ракоплескаа на Оливера Срезоска. Проклет да бидам, Кејтен! — јас викнав, но никој не го чу мојот глас. Глуви, глуви луѓе. Проклет да бидам, смртно ме исплаши таа глувост.

Водата веќе беше влезена во мене, се колнам, таа беше голема, најголема. Во првиот миг така неочекувано најдувајќи се повторно слободен, крај брегот, слушајќи го нејзиниот глас, не гледајќи на брановите како избезумен, поитав кон Неа. Проклет да бидам, не чувствувајќи како ми бега земјата, како навлегувам во нешто страшно, длабоко, неповратно. Не го почув тој глас што ме враќаше: — Будалче, несреќно дете, каде си пошол, ќе те однесат брановите, ќе те проголта водата. Врати се, врати се, будалче! Ќе се каеш, целиот живот ќе се каеш, твојот детински ум те носи во уште поголемо зло, несреќно дете, малечок Леме! Еден друг глас во мене шепнеше: — А како ќе живееш без Неа, без место Леме, ќе бидеш слеп, сакат, несреќен. Не ќе има место на земјава за тебе, ниту едно местенце, сеедно ќе те прогонуваат, непрестајно како некое мало, исфрлено кученце. Оди, оди! — О, мојот слаб, детински ум, мојата болна, неизлечлива душа, — првпат се најдов пред таква незамислива, темна пропаст. Својот спас, својот беден живот му го должам само на еден човек, златниот човек, несреќниот Трифун Трифуноски. Проклет да бидам, некој мораше да умре.

Загрузка...