Кејтен е под клуч. Проклет да бидам, под клуч. Само таа мисла беше во мене, Кејтен е во подрумот. Се плашев ако нешто веднаш не сторам дека ќе умре, не ќе го преживее тоа мојот пријател. Постоеше само една желба, да му се помогне, да му се врати слободата. Проклет да бидам, слободата. Се колнам, друг лек не постоеше за Кејтеновото срце.
Последното вечерно ѕвоно го објавуваше часот за спиење. Само што беа згаснати малкуте светилки во домот, сите гласови молкнаа. Беше глуво, пусто, темница. Сонот никако не доаѓаше, бев во треска, во бунило, позаспивав и како штрекнат се будев, ме будеше некој непознат глас, ме довикуваше да станам! Послушав, тоа беше гласот на Големата вода. Проклет да бидам, по толку векови се јави гласот на Големага вода. Таа непрестајно шумеше, бучеше, фрлаше силни бранови, ечеше сиот брег. Силни бранови почнаа да ме заплискуваат, да го носат моето бедно креветче, над мојата глава летаа изулавени птици. Проклет да бидам, каква страшна болест беше ти бил сонот, најголема.
Изутрината уште од темни зори почукав во собичката на Трифун Трифуноски. Тој исто така не спиеше, беше опфатен од благородниот дух и треска го тресеше, што се вели, тригодишна. Блед, испиен, силно возбуден, со двете раце силно притискајќи едно малечко листе, нешто на глас мрмореше, изговарајќи збор по збор. Рецитираше, твореше.
Благородниот Трифун Трифуноски (не, невозможно е да се воздржи човек), — тоа беше вистината, на масичката отворено лежеше цело сандаче (војничко куферче), — до врв полно со песни, романи, драми, со секакво творештво. О боже, о мил боже! Сигурно имаше нешто во таа изгорена душа кога толку неразумно, лудо се откажа од среќната, сигурна иднина што веќе му се насмевнуваше. Проклет да бидам, ги заборави победите, наградите, како и најласкавите пофалби да не го топлеа, одеднаш стана роб на нешто страшно. Проклет да бидам, роб. Тажно беше ова силно, убаво човечиште да се гледа во таква понижувачка состојба, — веднаш се покајав што дојдов толку рано. Тој човек, кој со леснина претрчуваше толку милиони километри, планини, реки, полиња, што како елен совладуваше големи трапишта со вода, кој на чудесен начин можеше да пролета низ кални, тешки патишта, низ трње, низ дождови, низ лапавици, со секавиците да се гони, беше жално, беше очајно да се гледа како се прпелка во малото, смрдливо сопче. Сета снага сега му беше попусто, нешто посилно го имаше сковано, уништено. Проклет да бидам, колку бргу, колку неочекувано с`е кај него се измени, колку наеднаш пропадна, ослабе, се стопи, сосема се запусте, личеше на некое големо рането птичиште на кое крилјата му клапнале, па челичните перје му се валкаат во блатото. Што можело толку многу да го изулави?
Требаше само да го видите пред некој празничен ден, на пример, пред први мај. Проклет да бидам, тогаш тој како да не беше на земјата, беше страшно да ве сретне неговиот поглед.
— Видете го Трифун Трифуноски, — ќе речеше некое од децата.
— Не будали се, — ќе му речеше друго, — истај му се од патот, измислува!
— Зар така по ветар, — велеше првото дете, — мене нешто како чукнат ми изгледа.
— Не е, — се вмешува трето во одбрана на Трифун Трифуноски, — ќе видиш, ќе чуеш на прославата.
— Ами камо му книга, — прашува детето, — зар така, само по ветар!
Проклет да бидам, по ветар. Тоа беше некој негов, некој чуден, непознат ветар. Ноќи и денови не преспиваше. Понекогаш со векови, се колнам. Туку го гледате со часови како вечна стража го заобиколува домот, нигде место не го бере. Можеше да се погоди грда, лоша пролет, со снег, со фуртуни, што мислите, зар тоа можеше да му го замати неговиот светол поглед, да го замрачи првомајското сонце? Проклет да бидам, како с`е да беше против Трифун Трифуноски, туку ќе се расипеше времето околу празникот. Паѓаа студени дождови, пластови снег, сега сета природа ја запустуваше неочекуваниот мраз. Сеедно, додека другите ги обземаше бес, благородниот Трифун Трифуновски потонат во својот волшебен свет блажено, со среќа твореше. Проклет да бидам, како да не беше тука, како да живееше во друг свет. С`е кај него беше поинаку, небото беше чисто, сино, високо, бескрајно, весели птички летаа, црвени знамиња се виореа, срп и чекан цутеше на секој ѕид, црвени ѕвезди, медузи, мекотели, пролетери од сите земји, тојчас тој беше со нив, чекореше. Проклет да бидам, чекореше. Што оти свиреше северниот ветар, Трифун Трифуноски ја слушаше Интернационалата, со еден таков дух беше задоен, твореше. Проклет да бидам, никој таква треска не предизвикуваше кај децата како Трифун Трифуноски кога ќе се качеше на бината, кога ќе почнеше да рецитира од своите песни. Во него с`е кликташе, пееше. Сите со занес, зинати го слушавме, секој негов збор лакомо го голтавме.
Ете зошто толку рано побрзав кај Трифун Трифуноски, што порано сакав да му ја откријам својата голема тајна. Своето срце. Проклет да бидам, сето срце. Тоа што се роди во мене таа ноќ беше нешто најсветло, најубаво. Ниедна ѕвезда, ниедно сонце толку не беше светло. Со озарено лице застанав пред Трифун Трифуноски, победоносно. Веднаш штом ме виде, со еден поглед погоди. Рече:
— Што гледам, малечок Леме, си пропеал! Се обложувам дека ти дошло славејчето!
(Проклет да бидам, славејче). Колку можев помирно, благо му одговорив:
— Не беше славејче, — му реков и јас земен, однесен. Излуден.
— Ами што? — рече испитувачки гледајќи ме. — Седни, ми рече благо, понудувајќи ми го својот стол. За целото време очи не вадеше од мене, ме набљудуваше. — Што можело да биде тогаш, Леме? — внимателно праша, малку околу, педагошки.
— Вода беше, директно му одговорив, улави птици, место не ме зема, Трифун Трифуноски!
— Чудно, — рече, — ајде читај, да го чуеме тој твој чуден состав, Леме.
Благодарам, Трифун Трифуноски, сакав да му речам, но немав време, не смеев ни секунда да губам, секој миг беше пресуден за Кејтеновиот живот. Веднаш, без точки, без запирки, без никаква интерпункција почнав да читам, запалив како од митралез. Проклет да бидам, јас пеев, плачев, се смеев, лазев, летав, паѓав, умирав, оживував, голтав вода, тонев, се губев. Бев на небото, со ѕвездите, во светлите градини на рајот, паѓав во најдлабокото, во најтемниот пекол. На пример, кога требаше да се рече ох, ох, мајко моја, ох, пријателе мој, ох живот, ох птици, ох водо, ох доме, ох, ох, ох, — тоа значеше како некој, ох, некој одзади да ви удрил нож. Ох, нож. Природно, штом некој во срцето ви забуцал нож, не ќе пеете, туку ќе припаднете, ќе пропискате. Проклет да бидам, офкав на сиот глас.
— Смири се, Леме, смири се, кутро момче, — преплашен, многу загрижен велеше Трифун Трифуноски, но кое срце да се смири, кој ќе ти запре таков пустошен, лош ветар.
— Ох, ослепувам, — имаше на едно место во составот и јас, шутракот, толку природно сум ги превртел очите, белките да ми ги исполнат очните дупки, та кутриот Трифун Трифуноски да ти помисли оти е свршено со мојот вид. Тажно рече:
— Несреќно мое момче, сега слепо, куцо ќе ми одиш цел век! — па потоа со најголеми навреди `и се нафрли на проклетата муза. — Проклета да си, црна богињо, срам да ти биде, слабото, несилно врапченце што си го зела на нишан, што твоите смртоносни стрели, отровни, титански си ги пуштила во малечките, слаби гради. Еве ме, Купидоне, еве ме, црна музо, јас сиот ти стојам на располагање, удри на мене, бори се со мене, се саможртвува Трифун Трифуноски.
Но со тие зборови тој како да ми помогна, проклет да бидам, дури тогаш потече, во мене, река. Го говорев и тоа што беше напишано и тоа што никогаш не ми паднало дотогаш на памет.
— Ох, молчи, молчи, брану див, кажи во овој случај кој е прав, кој е крив, — и, се разбира, во часот стивна бранот, настана една долга пауза, крајбрежните води тивко шумолеа, божем, го предеа платното на вистината, бело, а отровот, невистината се претвораше во малечки, црни меурчиња што ништожно умираа на брегот. — Умрете, умрете, бев немилостив, овој оган, ова срце што се пали, проклет да бидам, еден ден бел-сив, ќе се види кој е прав, кој е крив!
По моето рецитирање, како голем камен да падна од душата на Трифун Трифуноски.
— Како ти е сега, Леме, — ме праша издивнувајќи, — се смири ли малку, срце мило?
— Да, — реков, — сега ми е полесно, Трифун Трифуноски.
— Да му благодариме на бога, — рече, — то ест, како ми ти се очињата?
Признавам, малку поразмислив на ова прашање, не го разбрав, но се надевам дадов доста правилен одговор. Му одговорив гледајќи го ококоравено:
— Пак ќе го гледаат сонцето, Трифун Трифуноски!
— Се радувам Леме, — рече искрено израдуван, — се виде беше среќен, — многу ми е радосно срцево што се врати твојот вид, момче, а сега ајде да проанализираме малку, Леме.
Се погледавме пламено в очи. Проклет да бидам, пламено.
— Па што да се рече, Леме, — почна внимателно, — гледаш и самиот, несреќен Леме, тоа е страшно, ужасно! Не смее да се помисли, тоа се чисти фантазии. Леме. Бесплодни, отровни, смртоносни, убаво пиленце. Бесцелно е тоа, Леме, нема никаква цел. (Проклет да бидам, цел.) Ајде да анализираме зборче, по зборче… Чудно е, Леме, многу е чудно, мило момче, по саноќ попусто, тукутака, шутраче низаедно, бесцелно да се гледа водата, какво задоволство си нашол во тоа, пријателе? Морници ми полазуваат, Леме, кога ќе си спомнам с`е што можело да ви се случи за една таква празна, луда работа. Каква корист од тоа може да очекува човек, Леме, освен, о, тоа сигурно, да си спечали едно фино настинче, до коски. Се обложувам дека си го замрзнал и твоето братче, Леме, што си го повел на таа карпа, на кутрото момченце сигурно запчињата му играле, нели, Леме?
— Да, Трифун Трифуноски, вистина е, студеше, — му признав.
— Ете, — рече толку благо, воспитно, како родител, — сте претргале толку страв среде оние црни браништа и улави птици, а сосема за ништо! А како второ, Леме, што е најстрашно, во твојот состав се чита голема нечувствителност, момче. Барем во еден миг да си помислил на милионите гладни, на милионите страдни, на милионите во крв што се дават, на твоите несреќни браќа, не ќе си имал совест, мило момче, толку мирно да седиш на таа карпа, да си тераш луд ќеиф. Каде ти е заклетвата, Леме, младинскиот морал, човечкиот дух? Егоистички си се изживувал, Леме, чисто буржоаски, не водејќи сметка за класната борба на пролетаријатот… Жалосно, Леме, — благодарниот Трифун Трифуноски кротко, од сите страни почна да ме поткопува.
— Се срамам, — реков и се расплакав, — му признав дека немам никаква дарба, дека ги мразам песните, романите и сите тие работи, му признав дека тоа беше час на лудило, темница, болка, и тоа себична, мала болка само за еден човек, безначајно, еден човек. Проклет да бидам, токму така, само за еден човек.
Немаше крај неговата смаеност кога ги чу овие неколку зборови од мојата уста. Проклет да бидам, не веруваше.
— Ја ценам твојата искреност, Леме, — рече суво, загрижено, — но твојата душа е болна, црна, треба да се лечи, мило. Каков е тој зол дух во тебе, Леме, кој те изулавил толку многу, кој е тој проклет ѓавол? — праша со тага, несреќен.
— Кејтен! — му викнав липајќи на глас. — Тој умира во подрумот… Веќе три дена одбива секаква храна, сака да умре, ќе умре. Умира невин, се колнам, умира поради некој гад, подлец. Денеска е последен ден, Трифун Трифуноски, утре е лекарски преглед, ќе го одведат, о, мајко! — се разбира, тоа беше крај и на моите сили. Избезумен, со раце, со глава, со нозе почнав да удирам по ѕидот на сопчето, притоа непрестајно изливајќи најтешки, најгрди зборови. — Гад! Подлец!
Очигледно добриот Трифун Трифуноски силно го погоди мојот бол. Смирувајќи ме во своите прегратки, со своите мили раце мазнејќи ми ја косичката, си спомнувам уште ова, тивко, со жар ми рече:
— Кутрото дете! Та зошто тоа веднаш не го кажа, Леме? Ах, — рече со болка, — како нож да го удрил в коска, — ах, тој гад, тој подлец! Не, не, тоа не смее да се дозволи, никако! Кратка насмевка му болсна на усните, му го озари лицето, нешто спасоносно му заигра, со некаква чудна среќа ме успокои: — Биди си спокоен, Леме, твојот пријател здрав и жив ќе ти се врати, — па потоа од куферчето што беше полно со творби измолкна една тетратка испишана со стихови, исцртана со цвеќиња, ѕвезди и знамиња, па ми ја подаде. — За тебе, Леме, рече, овие стихови за тебе, мило момче. — Проклет да бидам, мислев ми ги подарува за да ме смири. О, колку бев неук и прост!
Тоа беше последно наше видување со Трифун Трифуноски. Остана само надежта, таа малечка тетратка полна со чудни стихови и уште почудни, неодгатливи шарби…
Можеби негој од тие мали ѓаволи навистина го имаше измислено оној рид, Сентерлевиот. Можеби тој вооишто не постоеше, некој го измислил во својот сон, во стравот, во страшниот очај. Проклет да бидам, самиот себе се колнам, јас станав неверник, лажго, во мене се родија некои проклети, лоши чувства, неосетно почнав с`е да мразам, во домот, дури и децата. Ќе им покажам јас на тие мали гадови! Ах, сигурно вие мислите дека тоа беше толку просто, едноставно, лесно. Ах, вие сигурно не знаете! Треба да се побегне од тоа место, далеку, далеку; да останеш на пат, да паднеги на патот, сонцето да те изгори, но да не се вратиш. Никогаш повеќе во тој дом, во таа глува куќа. Никогахи, никогаш! Очите да не им ги видиш на тие луѓе, да ги оставиш сите луѓе! Да бидеш сам, сосема сам, мило дете, мало човече, да се скриеш во некоја темна, длабока пештера, настрана од сите, од секој човек. Не смееш повеќе со нив да се дружиш, нивните зборови се лажни, нивната љубов е лажна, така мило ти се насмевнуваат додека им паднеш в раце, додека те зграпчат, потоа како малечко ѕвере ќе те фрлат во кафез, во строј, во редот, во проклетиот дом. Бев полн со омраза, со горчина, о, боже, нешто страшно, безумно се заврзуваше во моево срце. Но тогаш дојце Таа, се колнам, во што сакате можам да ви се заколнам, ми рече: Што е, Леме, ти веќе не веруваш, тешко тебе, синко. Верувај, Леме, верувај, малечок Леме, — ме преколна во мајка. Проклет да бидам, пак што, можеби навистина постоеше тој рид, Сентерлевиот? И с`е како да почнуваше одново, љубовта, омразата, вистината, лагата, клетвата, молитвата, добрината, пцостите…