Една пролет, смртта на ѕвонарот

Ѕвонарот беше единствениот човек затекнат, затечен во домот од стариот персонал на болницата. Порано, се откри, нашата „Светлост“ била „Вила МИР“, специјално за душевници. Еден од нив беше и ѕвонарот, другарот Анески. Но не можеше да се рече дека тој сосема беше луд. Уште помалку треба да му се префрли дека не си ја знаеше својата работа. Тоа беше негов стар занает, се колнам. Господе, како можеше тој да издржи, тоа беше вистинско чудо. Ако веќе ја зборуваме вистината, каков лукав и препреден беше тој, какво вретено беше другарот Анески, тогаш ќе треба да му симнеме капа, да му се поклониме. Очигледно разбра итрецот дека неговите луди постапки му се допаѓаат на татенцето, па тој тераше докрај. Нашиот ѕвонар прекрасно знаеше да си ја чува карактеристиката.

Еднаш тој цела ноќ не можеше да заспие. Го болеше левиот катник, никаде место не го земаше. Што не пиеше, стави и корен од коприва, однекаде се изнајде и ракиица, но болките никако да престанат. Саноќ офкаше на глас, проклет да бидам, минеше од спална во спална офкајќи на сиот глас само за да не спиеме и ние. А кога некое од децата, смеејќи се, исто како него офна, тогаш тој сосема излуде. Иако беше ноќ, никоја доба, полноќ, нареди да се построиме во дворот. Тоа беше зимска, декемвриска ноќ. Беше сува, студена зима, камен пукаше. Насекаде наоколу беше глуво, само лутиот ветар остро, како коса минеше над земјата. Ситниот снег како глогов трн удираше по нашите лица, пискаше секој предмет, пискаше земјата. Тоа беше сигурно најпуста ноќ во светот, мразот н`е закова на земјата. Се колнам, болките го напуштија ѕвонарот, му помина болот, оздраве. Невозможно, речете, но тој се излечи. Проклет да бидам, да не завршеше така ненадејно оној ден, можеби денес далеку ќе дотераше. Што имаше врска тоа што беше луд, уште поубаво, секоја задача ја исполнуваше без збор. Не, се колнам, не се шегувам, ќе беше од него човек, градител и слично, само ако тој ден не се опаметеше.

Неговата покорност, неговата понизност, пожртвуваност и дисциплина набргу го исфрлија на површина. Токму така, го исфрлија на површина. Ако запнеше тој можеше да си прибави и одлична биографија. Едно време се пренесе дека, имено тој, другарот Анески, бил организатор на некаков бунт во болницата и така нешто слично, што не беше за потценување. Меѓутоа, за вистината, тој беше поскромен човек, а над сето веќе смртно беше вљубен во својот позив и камбанчето. Проклет да бидам, камбанче. На пример, ниту еден единствен пат не се случи тој да се оддели од камбанчето со кое н`е будеше. Некои од децата што не му сторија за да се откаже од таквите лудории, но тој упорно си го тераше своето. Нема што, тој имаше нешто константно во својот карактер. Камбанчето и ќускијата ги држеше во својот кревет како брачни реквизити. Не, навистина не беше толку луд другарот Анески, тој напросто совршено добро ја познаваше душата на нашето татенце Аритон Јаковлески. Се разбира, и самиот ред. Ете, знаеше дека управата секојдневно војува со Кејтеновиот син и немаше изутрина тој прв кај него како изулавен да не налета, над неговото креветче. Боже, беше несреќен, па тој толку патеше што не можеше еднаш, барем еднаш да го начека заспан. Проклет да бидам, тој само си ја навлече смртта на вратот.

Будењето имаше два дела: првиот дел беше нормалниот, кога ѕвонарот имаше сосема мирољубив однос. Проклет да бидам, некој измислил нормален однос кон будењето. Во таков случај ѕвонарот во одреденото време се качуваше на малата бина што беше поставена среде двор и од тоа место почнуваше со своето ѕвонење. Мислам немаше жив што не можеше да го чуе. Сигурно од домскиот звук се будеше и целата околина, целата околина, се тргаше од својот сон. Вториот дел од будењето беше поврзан со будниот карактер на ѕвонарот. Како секој потчинет и ропски човек, тој беше смртно исплашен за својата бедна иднина. Секое задоцнување во стројот тој го разбираше многу лошо; мислеше дека е тоа вперено директно против него за да му ја расипеме карактеристиката кај татенцето. Едноставно таквите луѓе се полни со страв, се напрегаат над своите способности, живеат во штрек, од ден на ден стануваат с`е побездушни, послепи. Ете зошто ѕвонарот, и преку редот и преку с`е, измисли прв, втор дел на будење. Можеби ноќта не спиел додека дошол до тоа, додека се досетил за такво нешто. Зар тоа не е најсвирепо, најстрашно самоубиство, о, на час кога би му се избистрила малку матната глава. Проклет да бидам, какво ужасно слепило, каква незамислива казна.

Ѕвонарот кога ќе се појавеше во спалните чиниш дошла чумата. Тој беше толку суров и во исто време лукав што не дозволуваше никакво мушнување. Замислете си еден човек без сон колку може да го почитува сонот на другите. А нашите детски срца од сите четири страни беа полни со соништа, бликаа. Замислете еден таков човек да ви биде чувар на вашиот сон, каков ќе биде тој сон? Не оставаше да н`е ѕирне и под постелите, насекаде каде што можеше да се посомнева неговата болна глава. Секаде каде што можеше да биде сонот тој го гонеше. Го гонеше како свој најголем непријател. Така и беше, тој се плашеше од сонот. Проклет да бидам се плашеше. Очигледно никогаш немаше мирен сон, кога се пробудуваше изгледаше измачен и длабоко несреќен, претепан. Оставаше впечаток на човек што се враќа од долга робија. Природно, секоја негова постапка одеше во крајност, што во почетокот изгледаше и забавно. Понекогаш тој не си веруваше и на сопствените очи, претпоставуваше дека и тие би го излажале. (Кутриот, во с`е се сомневаше — во себе, во другите, во денот, во ноќта, дури и во земјата што ја газеше под себе). Ќе влезе во клозетите, ќе ги отвори шифонерите, ќе ѕирне под креветите, насекаде, насекаде. Шутиот тоа го изведуваше на мошне духовит начин, но не и непресметано. Набргу потоа сфативме оти во ништо не смееме да се шегуваме со ѕвонарот. Зашто, ќе се случи ли, сепак, некој да биде фатен каде што не му беше местото, тогаш тешко нему. И со лекарско уверение беше ризично да се остане в кревет. Лудакот не оти ќе те праша, потегнуваше со железото и — што ти пишал господ. Проклет да бидам, што ти пишал господ. Сепак, најстрашно беше кога ќе запенавеше, кога без никаква причина ќе се разбеснеше и ќе фатеше некое дете да дави.

— Тебе, скоте, во подрумот, — излудуваше, — во подрумот, арамијо!

А ако се осмелите некако и го прашате што сте му украле, тој тогаш без збор ве загледува со еден таков страшен, ужасен поглед што е потежок од секоја казна. Без збор ќе ве грабне за шија и ќе ве влече кон подрумот.

Во домот имаше повеќе непријатни места, такви места кои, ако можете, поубаво би било да ги заобиколите. Но подрумот беше нешто друго, подрумот никој не знаеше што беше, никој не знаеше што се крие во подрумот. Никој дотогаш немаше ѕирнато во тој дел од домот, ѕвонарот беше потполн, целосен и единствен господар на подрумот. Клучот му висеше околу гуша како крст. А тоа веќе беше доволно за да го почувствувате стравот во сета своја тежина. Другарот Анески беше роден за тоа, беше работилница за страв. Проклет да бидам, Кејтен така го викаше, работилница за страв. Можеби поради тоа татенцето, и не само татенцето, туку целата управа, толку многу полагаше на ѕвонарот при воспоставувањето на редот. Во тој поглед ѕвонарот беше господ. Се колнам, господ. Лудаци. Проклети лудаци, со ѕид во очите. Слепи.

Еден ден, сепак, тоа будалиште беше добар. Прогледа. Проклет да бидам, прогледа. Беше добар како јагне. Тоа беше негов ден. Празнуваше полуде од среќа. А имаше и причина, вистинска причина. Тоа што тој успеа да го постигне во однос на редот беше на таков степен што предизвикуваше општо одушевување. Тоа што векови ги мачело умните, длабоки луѓе, самосвеста, човечноста, една таква дисциплина, нашиот ѕвонар успеа да го постигне во текот на една година. Проклет да бидам, слепи.

Денот беше многу бурен. Саноќ дуваше силен, дождлив ветар. Од брегот доаѓаа ужасни, претсмртни крикови на птици. Н`е разбудија тие вознемирени, страшни гласови. Никој во спалните не спиеше. Се чинеше божем бурата влегла во домот. Кејтен, кој сигурно пред сите ја чул бурата, уште со првиот звук, веќе беше излезен од спалната. Креветчето му беше празно.

— Каде е Кејтен? — праша едно од децата. — Кејтен го нема!

Тојчас влезе Кејтен изврнат како лилјак. Очевидно беше среќен, лицето му светеше. Децата веднаш испоскокаа од креветите. Знаеја дека Кејтен нешто видел. Беше ангелосан, необично, тивко, среќно се смешкаше.

— Кажи што има таму? — го прашавме — Од каде доаѓа овој ветар?

Но неговата среќа бргу згасна. Со своите слаби, проѕирни раце еднаш, двапати си го позабриша воденото лице и, се чини, на тој начин си ја одзеде сета убавина што ја донесе однадвор, пак тоа лице стана грдо, неубаво. Туѓо. Проклет да бидам, туѓо. Домците почнаа да се туркаат околу високото, неубаво дете, Методија Гришкоски, едно момче од управата, потсилен од неколкуте свои другари, се дрзна да го бутне отпозади, бараше кавга.

— Мудрецу, невидлива сило, што виде, кажи ни? Го виде ли твојот ѓавол, го виде ли водниот дух, таков беше, сила? Личеше ли на тебе, а? — в очи му фрлаше тешки навреди и, охрабрен од Кејтеновата мирност, уште повеќе почна да го дрпа.

— Остави го, продадена душо! — викав, викаа и другите деца, собата личеше на лудница.

За чудо, овојпат Кејтен остана сосема мирен, како воопшто да не го интересираше она наоколу. Личеше на човек — патник што наминал само така, случајно, кратко, што брзаше, што многу брзаше на својот пат. Истиот час како сениште пролета низ спалната, излезе. Тогаш, како глупави овци, децата јурнаа по него… Беше се искачил на бината во дворот, го ловеше дождот. Проклет да бидам, го ловеше дождот. Тоа беше прекрасен, пролетен дожд. Светол.

И изутрина. Ден. Меѓу два големи облака, распукнати, мало, тенко, слабо зраче болскаше со нова, убава светлост. Никој веќе не посака да се врати во смрдливите, отровни спални. Се колнам, просто така се случи.

Ова утро немаше потреба од ѕвоно, ние сите до еден бевме во дворот. Ѕвонарот ги отфрли очите, ќе му паднеа како отпуштени петлици, си го протри челото, целата снага сигурно му гореше, мајко моја, тој не веруваше. Почна да трча од одделение до одделение, да душка како загар, проклет да бидам, како загар, да се загледува во секое лице со таков израз како да препрашува: — Ти, скоте, тука ли си, во стројот! Каде си!? — и на крајот, откога беше сосема сигурен, тој излуде од среќа. Проклет да бидам, го фрли камбанчето од своите раце и преку глава истрча во управата за да ја соопшти радосната вест. Можете само да претпоставите како одекна новоста во управата. Татенцето не успеал барем да си ги закопча панталоните, ги држеше в раце и така одеше од одделение до одделение, со оној ист ведар израз што пред малку се читаше на ѕвонаревото лице. Скастреното мустаче на татенцето му светна, му се позлати. Значи, на крајот успеавме, така значи, на крај краишта, им намигна на сонливите воспитувачи. Овие пак како воопшто да не беа среќни, очигледно с`е уште беа во сон, им се спиеше. Малку им беше криво што беа пробудени предвреме, се колнам, да ги оставеше човек така, на нозе, ќе преспиеја уште неколку векови. Единствено и тогаш и подоцна, како и за целиот свој живот што остана будна, и, се разбира, како секогаш закопчана одгоре додолу, тоа беше другарката Оливера Срезоска, нашиот помошник-управител. Очигледно таа не беше премногу израдувана, нешто како да ја гризеше црвец.

Сепак, невозможно беше човек да остане мирен гледајќи го ѕвонарот. Кутриот човек! Случајот сосема го стопи, го погоди в срце. Му светнаа очите, проклет да бидам, во ова суштество ти имало и топла солза. Никогаш да не поверува човек, во неговото срце имало место и за ветар и за други такви лудории. Јас сега верувам, проклет да бидам, во секое човечко срце мора да има понекоја топла капка пролетен дожд колку и да е тоа тврдо, обвиено со мраз. Јас тоа го видов со свои очи и верувам во тоа како во чист ден, се колнам.

Тоа утро изгреа и сонце. Можеби и тоа разбрало за нашиот празник, околискиот веќе беше запознат, бараше реферат, како искуство да се искористи; татенцето најпосле си ги закопча панталоните (малку се сврти настрана и си ги закопча). Вчас ги пуштивме знамињата, ја уредивме бината, тоа го направивме за минутка. Однекаде се најде и цвеќе, дојдоа и другарите, референтот за спорт и култура другарот Дервутоски, референтот за општи работи другарот Вецески, другарот Елимоски, другарот Лажоски, направивме еден митинг во чест на другарот Анески, нашиот Ѕвонар. Проклет да бидам, митинг. Мајко моја, овој за час беше паметен, се пробуди. Сите ние видовме, очите му станаа така други, н`е гледаше толку добро, мило, толку нежно. Проклет да бидам, тој миг го напушти лудилото и тој се загледа во нас со светли, човечки очи. Му се стопи каменот во градите, се стопи како капка пролетна роса при допир со силниот зрак, едно топло пламенче како златен пајак му лазеше по измаченото и несреќно лице. Се колнам, за цело време тој не го слушаше говорот, аплаузите и сите други брливи работи што го заслепуваат човека, со жедни очи гледаше само во нас, во секое дете. Кутриот човек, одвај да го распознаеш ѕвонарот-тиранин, невозможно, се колнам, во тој миг секое детско срце беше со него, се молеше за неговиот беден живот. Тој го виде тоа и не можеше да го издржи. Немаше веќе никаква сила во себе, несреќникот.

— Тој умира, — ми рече Кејтеновиот син, — тој пцовисува како бесно куче.

— Молчи, — го помолив, — тој е сам. Тој е со нас, пријателе.

— О, кутрото човече што си мислеше многу високо летнало, — рече Кејтен со горчлива насмевка, — ете, сега тој пропаѓа во темна бездна од која веќе никогаш нема да излезе.

Ѕвонарот тој ден конечно сосема полуде. Неизлечиво. Со денови не можеше ниту да јаде, ниту да спие. Одеше од дете на дете и туку те гледа со оној вкочанет, бел поглед. Потоа пак ќе го прифатеа и ќе почнеше да бега, да се крие, да плаче, да вреска, се валкаше поземи, со глава удираше по ѕидот. За да не се мачи толку многу, го врзавме со јаже и го оставивме така врзан, помирно да умре. Гледавме како умира. Проклет да бидам, ами не се умирало така бргу и по желба.

Умре во обичен ден. Рано изутрина, пред да го нападнат мувите. Се колнам, тој ги победи мувите.

По смртта на ѕвонарот, домот повторно потона во онаа позната глувост. Стравот повоторно се насели во секое катче. Еден друг страв. Никој веќе не го спомнуваше Сентерлевиот рид, како снегда паднал на него, како сонцето да умрело. Во тие нерадосни денови се изгуби и гласот на Големата вода, с`е се испусти, добриот сон некаде неповратно излета. С`е мирисаше на смрт, се чинеше лош дух живее во домот. Повеќето деца, особено оние што знаеја нешто за страшниот дух, ужасно беа исплашени. Се будеа во најглува ноќ, од сонот и, како некој да ги прогонува, бегаа, се искриваа ио домот. Бараа начин, пат да се ослободат од тоа проклето место, да избегаат од студената сенка на ѕидот. Не, такво место немаше. Од сите страни бевме прописно, сигурно заградени. Ако сепак на крајот тоа успееја да го разберат, ако успееја да се ослободат од кошмарноста, с`е среќно се завршуваше. Тие потоа освестени, столчени се враќаа во своите постелчиња, но сепак здрави и живи, цели. Но ако сонот ги подржеше малку подолго, тогаш тие беа спремни за најбезумни дела. Во еден таков миг, малиот Климоски, едно мирно како бубалка момче, децата и така го викаа Климоски Будалката, толку многу излуде што успеал да скокне дури до врвот на ѕидот, да се обеси со дланките на срчите и тука да остане како во стапица. Изутрината го најдовме како се прпелка крвав и избезумен, уловен.

Видовме, уште голем и мачен пат не чекаше до Сентерлевиот рид. Проклет да бидам цел век сиот живот. Проклет да бидам, сиот живот.

Загрузка...