Стрижењето, разделбата со Кејтеновиот син

Општата нечистотија, сиромаштијата во која тонеше домот најпосле го направи своето. Вошките за кратко време се намножија по домот. Од спалните до кујната. И вошките беа гладни. Во прво време немавме никаква надеж. Децата како засечени стебленца бргу почнаа да венат, одвај се движеа по двориштето. Нозете ни беа тешки и одвај ги влечкавме, од глава до петици бевме полни со вошки. Н`е јадеа и преку ден и преку ноќ. Проклет да бидам, непрестајно. Се изгуби секаков сон во домот.

Првпат се случи и храна да ни престане. Бевме сити. Проклет да бидам, сити. Веќе никој немаше мир во домот, дури и управата отворено ја покажуваше својата загриженост и голем страв. Сите се исплашија од вошките. Тие проклети, се чини, никого не почитаа, не знаеја за редот во домот. Колкупати и на татенцето некоја крупна, голема колку една петлица туку ќе му светнеше на лицето. Светулка. Колку да им беше непријатно и на нашите учители и на нашите воспитувачи, колку да беа смели луѓе, во духот на времето, прекалени, храбри луѓе, самопрегорни, не можеа толку лесно и на крај да излезат со вошките. Потоа веќе тие го пуштија фронтот, што се вели, не се бранеа толку многу, како да е нормална работа, бесрамно се раслекуваа пред очите на сите деца и долго, до крв се чешаа насекаде по телото. А и вошките пак што беше најлошото, имале грд обичај без малку се впикувале во секое делче од човековото тело. Лепчето што го држиш в раце чиниш и тоа е полно со тие црни бубалчиња. Чешањето ни стана како некоја фискултура. Проклет да бидам, крв. Единствено другарката Оливера Срезоска не си дозволи таква слабост, за цело време си остана закопчана, цврста, во редот, во стројот, иако и таа кутрата изгледаше мошне измачена и бледа.

Тешко беше со вошките да се излезе на крај. Тие денови, додека траеше господството на вошките во домот, с`е, с`е беше мртво. Владееше вистинска пустош. Се чинеше божем тука поминала чумата и с`е усмртила. Гроб. Проклет да бидам гроб. Повеќето од децата како покосени лежеа наземи, сеедно веќе дали беше ден или ноќ, никој веќе не гледаше на редот. Во тие денови се прекина наставата и сите слични нешта. Целиот двор потемне од изнапаѓани, покосени детски тела. А сонцето беше толку силно и непопуштливо, никогаш толку долго не се задржувало во домот. Сега и тоа како да беше здружено со вошките, лазеше по дворот, црно. Мало.

За некое време целиот дом беше ѕид.

Во тие глуви, пусти часови јас најчесто се довлечкував до она место на таванот. Како пијан човек, со матен поглед, со слаби нозе, со тресливи раце. Како закован тука седев со часови, о боже, како не ме изгоре сонцето (не знаев дека не е убаво да се стои толку многу на сонце). Кутнат, победен, лежев со денови.

Небото над Големата вода беше црвено. Проклет да бидам, во пламен. Одвреме навреме, кога ќе ми се вратеше свеста, слушав како бучат суви, страшни ветрови. Исто така црвени, крвави ветрови. Говореа доаѓале од море, од Африка, од пустина, проклет да бидам, ако знаевме од каде доаѓаат. Се чинеше пожари, се наоколу се топи. При секој допир со предметите ја чувствуваш смртоносната усвитеност. Токму така, во водата е, во земјата, во каменот, во дрвјата, во куќите, во воздухот, во допирот, во нашите раце, усти, во нашиот здив. Проклет да бидам, во нашата душа. О, боже, с`е ќе се стопи, гледаш. Прав. Проклет да бидам, прав. И ѕвездите се топат, гледаш, пред твоите очи врнат. Ситен, црн прав. Небото е празно, пусто. С`е ќе однесе сувиот ветар. Црвениот. Проклет да бидам, с`е, с`е се претвора во прав, во ништо.

А ти, кутро човече, замаено чекаш на таванот да ти се јави гласот на Големата вода. Уште се надеваш. Проклет да бидам, личиш на онаа инаетлива сама ѕвезда на југ. Високо над езерото, чиниш и небото `и е мало, не ја собира.

Една изутрина, тоа беше во самата зора, најпосле се појавија рибарите со своите кајчиња. Насекаде наоколу владееше голем утрински мир. Се чинеше исчезнал сувиот, страшен ветар. Гледаш со половина окце, повеќе го чувствуваш тој мир, таа чудна промена. Општа глувост. Проклет да бидам, и земјата и водата мируваа, дури и воздухот беше застанат и нем. Некаде далеку на хоризонтот, виден како во сон, лазеше утринскиот оган. Рибарите доаѓаа во правец на нашиот дом, брзаа кон најблискиот брег. Се слушаа нивните неспокојни, испрекинати гласови, неуморно веслаа, јуришаа кон брегот. По нив како одронет брег се тркалаше црната вода. Бран ли беше, бура, никогаш не ќе си спомнам, секој час чинеше дека ќе ги голтне.

Безглавото бегство на луѓето, гладните крикови на птиците, неподвижната слика на утрото, покосените деца во дворот, вошките, мртвата вода, занемениот воздух, сувиот ветар, пожарите — во мене родија нов, с`е уште невиден страв. Во тој пекол најпосле го видов сиот наш несреќен живот, војната, темните војски, познатите и непознатите мртви по полињата, по патиштата, по војничките камиони, покриени со шаторско крило, мислевме дека спијат, будали дечишта што крадевме бомби по војничките камиони; потоа пред очи ти е домот, тажната смрт на ѕвонарот, добрата мајка Верна Јаковлеска, стрикото Лентеноски, неколкуте ошумоглавени бегалци, татенцето, неговата црна судбина, другарката Оливера Срезоска, старо, несреќно девојчиште, нашите кутри учители и воспитувачи, Трифун Трифуноски, неговата болна, темна душа, благородна, светла, о, се колнам, тоа беше патот што водеше кон Сентерлевиот рид. Кејтеновиот син, кога ме виде, сиот се згрчи, како да згазил на срча со боса нога. Рече:

— Што е, малечок Леме, — изусти смртно исплашен гледајќи ме со окрвавено око, — што се случило, пријателе?

— Птиците, — му реков без душа.

— Што птиците, несреќно момче, — праша, — какви птици?

— Поулавеа птиците, Кејтенов сине, — реков, птиците се нафрлија на луѓето. Видов, лошите птици Кејтен!

Залипав на глас.

Тој сега помолче, како да не ме разбра, немо се загледа во моето расплакано лице. Со вистинска тага во гласот рече:

— Кутриот Лем, кутриот Лем!

— Сите птици поулавеа, Кејтен, — бладав.

— Проклети птици, рече, а потоа што можеше повнимателно ме зеде за рака и како малечко дете ме поведе долу, во спалната. Ме легна в креветче за да спијам. Проклет да бидам, да спијам.

Многумина од домците мислеа тоа е крајот, последниот час. Веќе и не се бранеа, оставија вошките докрај да ги изедат. Во една таква општа тежина најпосле доживеавме нешто за што секое дете дотогаш секојдневно сонуваше. Управата реши да н`е изведе на брегот за да се очистиме од вошките. Не постоеше веќе никаков страв дека некое од децата ќе се престори во птица и оти ќе излета. Сите деца личеа на уловени птици на кои лошите деца со ножици длабоко им ги пресекле крилјата. Проклет да бидам, ако некое можеше да оди како што треба, а не пак да летне: Децата старци, проклет да бидам. Ваквата одлука сега веќе воопшто не беше ризична, се покажа тоа било и единственото решение.

Беше наредено општо и до кожа стрижење. Тоа беше најпонижувачко стрижење што може да се замисли. Н`е построија одделение по одделение и така во ред, двајца по двајца н`е носеа крај брегот. Под ред, проклет да бидам, под ред на стрижење. Таму н`е прифаќаше другарот Мирјанче Делоски, нашиот учител по хигиена, тој беше самоук бербер, и никој не беше луд да се шегува со него кога главата си му ја дал во неговите огромни рачишта. Проклет да бидам, како јагниња, покорно легнувавме под ножиците.

Во првиот час кога го отворија вратничето, кога се најдовме очи в очи со Големата вода, мислев дека сепак некое од децата ќе прибере малку сила и ќе излета, ништо не ќе може да го задржи. Мислев дека нови крилја ќе ни никнат, ќе не понесат натаму за каде деноноќно ни тупкаше срцето. Проклетство, вистински бил оној пожар, водата беше изгорена, повлечена. Се колнам, водата бегаше, се губеше. Проклет да бидам, с`е било пресметано, веднаш по стрижењето со олкави солзи како изулавени се враќавме во домот. Притоа воспитачите, и самите малку земени, на сиот глас викаа:

— Ајде летнете, копилиња! Летнете де! Каде да одите, пак ќе се вратите во домчево, како кучиња ќе се вратите назад!

Проклет да бидам, тоа беше вистина.

Одвај чекавме да заврши стрижењето. Избезумени бегавме назад во домот, с`е наоколу беше темница.

Во дворот чекаа другите, неистрижените, повисоките одделенија. Нас стрижените н`е впикнуваа во пералната за да ги оставиме, алиштата и, притоа, човекот од хигиенскиот завод не посипуваше со бела прав по главата. Бидејќи немаше доволно облека, тие неколку дена моравме да останеме полуголи, само по гаќички. Таква страшна слика дотогаш не беше видена во домскиот двор. Слаби, ненахранети, одвај сврзани детски телциња, како шумоглави се вртевме околу својата мала, саката сенка. Не знаевме што да правиме со својата осакатена глава, со своите скршени раце, со самите себеси. Никој никого не познаваше, божем првпат сме се сретнале на тоа проклето место. Проклет да бидам, требаше да поминат векови повторно да се распознаваме.

Сигурно долго време му требало на Кејтеновиот син за да ме изнајде меѓу стрижените глувци. Очигледно, дури и тој не можеше да ги сокрие возбудата и тагата, да не се заниша кога ме виде првиот пат. Господе боже, лазев крај ѕидот како некоја гуштеричка, малечка, црна. Без команда се оддели од своето одделение и летна кон мене. Проклет да бидам летна. Јас бегав, се криев, влегував во ѕидот за да не ме види, за да не го гледам. Мајко моја, колку беше тоа ужасно да се гледа. Кога најпосле ме одлепи од ѕидот, проклет да бидам, ако можев јас сосема ќе влезев во тој ѕид, сам ќе се соѕидав, кога ме виде таков, ја пушти онаа негова весела, голема насмевка и рече:

— Биди човек, малечок Леме! Биди човек, другар! Косата бргу нараснува, ќе видиш, косата веднаш нараснува, мило мое, — и тогаш нежно, многу внимателно со своите ковчести раце ја зеде мојата глава во себе и најнежно, најмило ме бакна по чело. Ме боцна со своите испрчени, горни заби. Проклет да бидам, се стресов. Кутриот мој другар, се колнам како изгорен потоа бргу се тргна. Ме загледа долго, о тој негов поглед! Проклет да бидам, не веруваше видов солза во неговите очи. Првпат да заплаче Кејтеновиот син, никако не сакаше да верува, не, не, не! Во часот, како некој да го прободе во срцето, испушти најсилен, најужасен крик.

— О, мајко! Мајчице мила, изгорев! Умрев, — рече и избезумено почна да бега, горе, долу, насекаде низ домот.

Момчињата, како гладна, подивена сурија, го гонеа, трчаа по него, весело викајќи:

— Ура, ура!

Оттогаш поминаа многу векови, најпосле излеговме и од домот, доживеавме и посреќни и погорчливи часови, но тие неколку неразбирливи мигови, во моето младо и неопитно срце засекогаш останаа како најлош сон. Секогаш кога ќе видам изулавени птици, раскрвавени луѓе, спржена вода, пожари, испустени полиња, мртви напуштени села, пусти, глуви патишта, бела, кратка секавица, знак за суша, редици луѓе, строј, проклет да бидам, мислам, во тој час некој се дели, човек од човека. Проклет да бидам, го слушам тој крик.

— Кејтен, — скокнувам од најдлабок сон, одам како избезумен, го барам. — Кејтен, — тоа е мојот крик. Проклет да бидам, како безумно, како лудо се делиме, се губиме. Одам и само едно прашање како молња штрека во мојата душа, — како и каде да го најдам сега?

Сентерлевиот рид се покажа бел на другата страна од Големата вода. Од онаа страна на водата од каде што ветрот доаѓаше со светол сјај. Сигурно таму се раѓаше сонцето. За да се дојде до Сентерлевиот рид требаше да се измине целата вода. Многумина од децата веќе страсно се подготвуваа за еден ваков поход, низ водата. Иако безумна, сета таа работа се покажа мошне привлечна, со денови се подготвувавме за еден таков пат. Проклет да бидам, ние верувавме во една таква можност. Во една таква можност да се стигне до Сентерлевиот рид. Се разбира, тоа беше само еден можен план да се стигне до саканиот рид. Сета таа работа потоа остана само во пусти планови, беше тоа едно прописно разочарување. Истата пролет, некои деца од домот „Напредок“, од некој сличен дом, што успеале да избегаат, кога стигнаа во градот и кога чуле за нашиот дом, без премислување летнале да се вратат. Сета таа братија беше за плачење, на човека му идеше и срамно и гнасно да ги гледа несреќниците. Секој од нив не беше јаден по неколку дена, лошо спани, криејќи се по плевни и бавчи, поцрнети одумора и глад, личеа на претепани ајванчиња. Тие веќе воопшто не можеа да мислат, да гледаат, беа изгубени до немајкаде, заслепени. Се покажа дека било најубаво во домот. Можете ли да доживеете поголемо разочарување, поголема несреќа од таа што ја гледате и слушате одустата на вашите браќа кои исто така со денови, со ноќи, со векови се подготвувале за бегство. Се плашам воопшто да не не постои тој толку примамлив рид.

Загрузка...