Поглед кон езерото

Тоа беше крај на март и почеток на вистинската пролег. Но можеби тоа беше крај на пролетта, можеби пак доаѓаше летото, — проклет да бидам, — никој не знаеше во кое годишно време живееме. Суви ветрови летаа низ небото, оган. Можеби беше некое непознато годишно време. Но тоа беше оној ден кога ја нарушивме наредбата на татенцето. Среде ноќ, искористувајќи го сонот на другите, Кејтеновиот син дојде во мојот кревет.

— Леме, — ме пробуди, — малечок Леме, дојди, — ми мавна со рака и, не чекајќи на мојот одговор, бесшумно како мачка исчезна во ноќта.

Иако не знаев каде, иако ја знаев цената на таквата дрскост, станав и појдов. Без збор тргнав по Кејтеновиот син. Сиот дом беше потонат во онаа позната глувотија. Пустелиски мир што секојдневно владее над гробиштата го имаше притиснато домот. Само одвреме навреме некој некого бараше во сонот. Бладаше некое од децата. Без одговор. Домот беше мртов, одвај дишеше. Насекаде наоколу се ширеше стравот, непознат, голем страв.

Во домот секој ден стануваше с`е понеиздржливо, поневозможно. Единствено место каде што можевме да го поминеме малкуто слободно време беше дворот, вам веќе познат, и појасот околу ѕидот. Иако тој дел `и припаѓаше на општата домска површина, за нас тоа место беше дел од ѕидот. Тука во тоа парче се собираа речиси сите деца. Како исфрлени стари предмети можеа да се видат на куп децата во тој предел крај ѕидот. Тоа место, поправо, беше ловиштето на татенцето. Проклет да бидам, ловиште на дивеч; од тоа место си приготвуваше печено (како што самиот љубеше да се изразува). Овде се одвиваше најголемата трговија, се склучуваа сите договори, се донесуваа судски одлуки, некои, се разбира, правеа и план да го минираат ѕидот. Тука се случуваа сите работи што подоцна се спроведуваа во живот. Контрабандата се разви на мртво, се тргуваше со с`е што ќе се најдеше — од петлица до игла. Во последно време најбарана беше „Богородица“. Тоа беше некоја малечка сликовница, никој и никогаш не ќе може да објасни од каде и како беше створена во домот, — малечка сликовница на која беше прикажана една мошне привлечна жена во различни пози. Проклет да бидам, тоа беше секс, забите да ти заиграат. Требаше само со едно око да се види и рацете бргу-бргу да ги ставите во џебовите. Гледајќи ја таа слика, дури и ние глувчињата ги поткревавме опавчињата. Проклет да бидам, слатко беше да се гледа сексот. Некако беше примамливо, убаво да се гледа во откриените, полни гради на жената. Тоа ти беше вистински секс, чесен младински збор. Се колнам, и денес некого го тријат рацете. Што не стори татенцето да дојде до сликовницата, што не истрга од појасот, речиси сета трговија ни ја опљачка, но до сексот никако не успеваше да стигне. Умре од мака и тој и сета управа, — секој сакаше да дојде до сексот. Ама „Богородица“ ја чувавме како очите. Во тој поглед владееше длабоко единство, сексот се чуваше како нешто најважно. Колку пати татенцето ненадејно ќе дојдеше, колку пати демнеше, ама с`е попусто му беше. Кога ќе се појавеше татенцето, сите деца уште повеќе се набиваа во црното клопче и сексот беше спасен. Пропаѓаше вземи. Потоа клопчето мигум се размотуваше и секој одделно сосема сам појадуваше по некаков свој правец. Најчесто како шугави се прилепуваа на ѕидот и почнуваа да ги тријат плеќите. Проклет да бидам, ама можеше да се знае што имаше тогаш во малото главче потпрено на ѕидот. Тогаш веќе тоа не е во домот, се колнам.

Јас речиси секогаш бев сам откога н`е разделија со Кејтеновиот син. Чинам и тој се чувствуваше многу осамено. За сето време не посакував да бидам ниту птица, ниту титан, ниту пеперутка (иако летот од пеперутката од с`е најмногу го сакам во животот), — сонував за сосема невозможни работи. Сонував за еден малечок, проклет да бидам, колку едно око малечок отвор на ѕидот од каде што ќе можам да ја гледам водата, да го слушам нејзиниот добар глас. Толку многу верував во силата на Големата вода, верував еден ден таа ќе дојде, ќе го удри ѕидот, ќе го однесе, ќе му рече: — Доста, доста си ги држел затворени! — Така ќе му рече и потоа ќе го збрише, ќе го земе во нејзините добри, светли прегратки. Проклет да бидам, с`е ќе стане вода. Немаше ден по неколку пати да не го изодам ѕидот околунаоколу барајќи го тој процеп, простор, тој поглед кон Големата вода. За сите тие векови поминати во домот јас не сакав за ништо друго да мислам, ништо друго не ми требаше, — сите задачи ги исполнував без љубов, без вистински интерес. А потоа пак, само таа мисла, којзнае по кој пат како прекршен се влечев крај ѕидот. Го барав тоа малечко отворче на ѕидот, иако знаев дека тоа беше бетон, цврсто граден ѕид точно за вакви прилики. Кога мислев дека е сето тоа само привидување, болест, сон, Кејтеновиот син ме зеде за рака и молчејќи ме поведе кон таванскиот дел на зградата. Иако бевме одделени, тој го видел мојот сон, знаеше каде лета моето срце, што бара тоа низ ѕидот. Проклет да бидам, видел.

— Не треси се, — шепна, — ако се плашиш, ќе н`е откријат! Стегни ги забите, не туку ѕвекоти.

— Не се плашам, — реков, — студено е, замрзнувам.

— Е, Леме, — рече. — Е, другар, — рече Кејтеновиот син со такво чудење што не можеше да ја запре смеата што му надојде тојчас. Така смеејќи се, виткајќи се од смеа, заборави на казните, со двете раце сопирајќи си ја смеата рече: — Е, Леме, проклет да бидам, не се родил поголем шегаџија од тебе во целиот свет! Знаеш ли во кое годишно време сме влегле, кутро момче, знаеш ли дека е вистинско лето, август, најубавиот месец во годината? — рече и уште повеќе тргна да се смее, како некоја планинска чешма силно, незапирливо.

— Престани, — го молев обвинувајќи се себеси за стравот што ме гризеше.

— Не можам, — рече смеејќи се, — ти си страшен Леме, и да сакам — сега не можам, другар. Морам добро да се изнасмеам, инаку ќе умрам. Охо, такво нешто одамна не сум чул, — и повторно прсна во силна смеа. — Студи, рече, а!? Охо, Леме, ѓаволе еден!

— Знаеш ли каде сме, — го потсетив, — знаеш ли што н`е чека ако не фатат?

Тој немоќно мавна со рака, мораше да се смее. Сиот се смееше како ѓавол. И со лице и со очи, со с`е се смееше Кејтеновиот син. Попусто беше да го молам, тој докрај ќе се смее, цел еден век ќе се смее. Се колнам, додека и последната капка не му истече од срцето. Проклет да бидам, тој од с`е срце се смееше. Веќе добро го запознав Кејтеновиот син, не, ништо не значеше казната. Со никаква наредба не можеа срцата да ни ги разделат, очите да ни ги заградат да не се намигаат, мислите да не разговараат, срцето да не го слуша гласот на Големата вода. Таа далечина нас уште повеќе н`е сврза. Проклет да бидам, таа далечина. Јас с`е негово познавав како свое, каде да беше меѓу децата, очите веднаш ќе го откриеја него прв. Неговата смеа ја имав во мене, еднаш дури скапо ја платив. Беше за време на ручек и некој ѓаволски се пошегува со тоа како татенцето го шмукаше расолот. Имаше обичај за ручек да испие цела една порција расол. Тоа го правеше со такво мајсторство што човек мораше да се превиткува. Мустаќот на триста метри му мирисаше на расол, му пожолте како стара туршија. Смеата се пренесе прескоканица од дете на дете.

— Што се смеете, — однекаде Кејтеновиот син се довлечкал под мојата маса, — речи, кажи ми, жити мајка, малечок Леме!

Лошо ме заколна. Заборавајќи дека е тој незадржлив смејач, му реков:

— Смук, смок, погледни го татенцето!

Кој можеше потоа Кејтеновиот син да го запре да не се смее, о боже! Аритон Јаковлески ги ококорави очите кога не виде заедно. Рече:

— Пиленцава слатки, гледај што гледам, — не веруваше, се исчудуваше, — гледај, гледај, — промрморе, — слетале гулапчињата мои, уште се шегуваше татенцето, страшен беше Аритон Јаковлески, роден за шега. — Од каде вие заедно, — наеднаш, пресече, — од каде толкав оптимизам, — мислеше на Кејтеновата смеа, — добро си мислеше Аритон Јаковлески.

Јас за с`е подробно, подобро признав, зашто знаев Кејтеновиот син и да го убијат не би рекол збор, не би предал. Го оставив ручекот и без збор тргнав кај другарката Оливера Срезоска. Извршувањето на казните сега беше поделено, — полесните случаи старчето му ги препушташе на помошник-управителот, другарката Оливера Срезоска. Таа пак, ах, ќе морам еднаш со неа поподробно да ве запознаам, — таа имаше свој метод на казнување, совршено подруг од оној на татенцето, но по суровост беа мошне блиски. Другарката Оливера не си ги валкаше рацете, таа со каиш по грб, а над сето тоа правеше и една многу грда женска работа, удри и штипни, в срце да те изгори. Проклет да бидам, в срце да те изгори. Ако плачеше, се исчудува зошто без причина се лигавиш. Не ти излегло ниту крв, ниту око, а се дереш, чекај тогаш уште малку, барем да има причина за солзите. На тој начин казната се вдвојуваше, паметна беше другарката Оливера Срезоска. Ваквата казна, се разбира, беше во нешто и потешка, во подлоста со која се извршуваше. Оливера Срезоска сето тоа до ситница го имаше обмислено. Та многупати децата зажалуваа што не направиле некој потежок престап, барем психолошки ќе беа мирни во рацете на татенцето. Вака не само што ќе го јадеш истиот ќотек, туку и душата ќе ти се истопи премислувајќи што и како ќе постапи во моментот со тебе помошник-управителот, другарката Оливера Срезоска. Нејзината душа гореше за власт, таа секој ден стануваше с`е посуров човек, се изродуваше во тиранин. На таквите луѓе ни на ум не им паѓа колку се ништожни, штетни, напротив, живеат со надеж дека тие се оние заради кои с`е уште грее сонцето. Меѓутоа, имаше и светли мигови во срцето на другарката Оливера Срезоска. Во слободното време составуваше песни за деца. Проклет да бидам, песни.

— Те молам престани, — му реков на Кејтен, — пред некој ден во управата видов нов каиш.

— Добро, — рече најпосле Кејтеновиот син смирувајќи се, — но немој повеќе да ме смееш.

— Не, — му ветив, — нема да те смеам, — не разбирајќи со што толку сум можел да го засмеам.

— Тогаш да појдеме, — рече влечејќи ме низ мрачниот и со пајажина полн таван на домската зграда. Тој одеше како низ поле, се движеше како низ најпознат пат. Се чинеше, со векови одел по тој пат, го познаваше. Сите пречки толку вешто ги совладуваше и истовремено толку добро ме водеше што во часот помислив да не е нешто опфатен од духовите. Проклет да бидам, духовите. Водните духови, тие да не го маѓепсале да не ме води крај заѕиданите прозорци. Како господар на таванот се молкнеше низ него. Проклет да бидам, тој тоа и беше, господар на таванот. Таванскиот простор го знаеше напамет, сигурно тука пред тоа илјадапати доаѓал. Се колнам, илјадапати додека го нашол тоа место. Кога најпосле застана, тој со нешто подруг глас, со некој глас што не го познавав ми рече:

— Малечок Леме, слушај ме добро, ќе работиш тоа што ќе ти речам, — проклет да бидам, тоа беше сосема друг глас, чинам му гореше. — Малечок, сега ќе мораш да ги затвориш очите, — тоа беше наредба.

Сето тоа го рече со таков глас што не смеев да го препрашувам, мирно ја исполнував секоја негова наредба, си ги ставив дланките на очи, замижав.

— Добро, — му одговорив, — мижам.

Кејтеновиот син помолче, како да се премислуваше еден час, оставаше впечаток на човек што се нашол пред голема одлука. Со оној ист глас рече:

— Верувај ми Леме, — рече тивко, како да ги кинеше зборовите од својата душа, — верувај ми, малечок, еден век мораш да останеш така на тоа место. Биди човек, Леме, ништо не е тоа, — проклет да бидам, — само еден век.

Јас сето тоа го примив со онаа чиста и длабока љубов што се има кон пријател и другар. А освен тоа, неизмерно многу ми се допаѓаше неговиот начин на кој ги изведуваше сите слични работи. Кејтеновиот син беше еден од оние ѓаволски старци што можеа да гледаат илјада километри пред себе, божем сета далечина беше собрана во неговите очи. Еднаш, веќе беше доцна ноќ, далеку на небото виде бледа светлост, далечна светлост. Рече, тоа е ѕвезда што паѓа, Леме, што гасне, што умира. Сето тоа го виде пред да падне ѕвездата, што јас морав потоа за с`е да му верувам. Кејтеновиот син гледаше како господ. Што ли сега гледаше, каде ли ме водеше со затворени очи, по стопати во миг ми доаѓаа сите овие прашања.

Не верувам дека сето тоа потраја толку бесконечни векови, но кога ми ги стави своите раце на моето лице и кога ги зеде моите во неговите, кога најпосле ги отворив очите, — јас само за малку што не крикнав. Пред моите очи како во најубав сон се откриваше целата површина на езеро. Големата вода. Проклет да бидам, тоа беше Големата вода. Големата вода беше пак толку блиску, се колнам, таа беше во нас. Јас ја прегрнував како родна мајка, ја прегрнував како нешто — најмило во животот. А таа доаѓаше с`е поблиску, со светли бои, со илјадници гласови, со многу векови тажење. Требаше сто векови да се остари за да се зачува детството.

— Кејтен, — шепнав, сакав сета тага да му ја соопштам, но не требаше, тој беше во мене, го знаеше сето мое срце, секоја моја мисла. Тој како да ми беше близнак, цел живот како да сме биле заедно. Проклет да бидам, цел живот.

— Биди човек, малечок Леме, — ми рече, — биди човек здржи се, не сме веќе сами, — покажуваше кон Големата вода.

— Биди човек, малечок Леме, — Големата вода ги повтори неговите зборови, — биди човек малечок Леме и стегни го срцето. Молчи.

— Прости, — му реков на мојот пријател. — Прости, Кејтенов сине, Голема водо, — реков бришејќи си ги солзите. Повторно се чувствував слободен со своето лошо име Лем. Чувствував како се раѓа Сентерлевиот рид, како одам по него, како се качувам и како тоа не било залудна работа. Проклет да бидам, верував. Кејтеновиот син, разбирајќи ја мојата мисла, рече:

— Слушај Леме, слушај мало будалче, — ме прекори, — ова место никој не го знае освен тебе и никој не смее да го има додека не го заслужи. Слушај малечок, уште додаде, сега само јас и ти го знаеме ова место и немој да си го издал, кажал. Ова место мора да се заслужи, Леме, — рече многу сериозно, предупредувачки.

— Што значи, — прашав, — некој нешто да заслужува.

— Да, — рече, — како да знаеше пред тоа што ќе го прашам, — ти тоа не го разбираш, Леме, но еден ден ќе го разбереш. Еден ден, по неколку илјади векови, с`е ќе се дознае.

— По колку векови? — реков како да не сум го чул. — По колку векови с`е ќе се дознае?

— Не смеј ме, Леме, — рече Кејтеновиот син, — не прави се поумен отколку што си, не прави се дека с`е можеше да знаеш. — Се позамисли малку и, вадејќи ја раката од својата шилеста брада (секогаш раката му беше на брадата прилепена), — мавна со неа свртувајќи се кон Големата вода и, со мошне весел глас, рече: — Се обложувам, малечок, дека ти не знаеш и со што си го заслужил ова место. Нели, Леме? — рече и ме загледа со своето убаво, светло око.

— Не, — искрено му одговорив, — но сигурно сум го заслужил, илјадапати сум имал право на него, — сакав да му речам, но замолчев за да не го засмејувам.

— Ми се допадна, малечок Леме, — рече самиот сакајќи да зборува, ми се допадна уште оној час кога падна на земја, — една горчлива насмевка му прелета преку лицето, кога беше во правта, мислам кога ја подигна главата од правта и кога му рече на татенцето, — зошто н`е тепате, ние бевме крај Големата вода, проклет да бидам, тоа беше храбро, малечок. Таква храброст уште не сум видел, можеби мрмореше малечок, но тоа беше храбро. Никој друг не можеше такво нешто да измисли, да рече. Тоа ме додржа на нозе, малечок. Но не е тоа, Леме, не и тоа, пријателе. Не! О, ѓавол си ти, Леме, најголем ѓавол! — Потоа си ја почеша својата растурена, црвеникава коса, дива како кај јарињата и, насмевнувајќи се, рече: — За нешто друго заслужи ова место, Леме го заслужи за сите оние денови што не се истави од ѕидот барајќи го оној процеп за да ѕирнеш малку кон водата. Мислам она ѕидиште нема место каде што нема твое окце. И што бараше, малечок Леме, — рече ставајќи ми рака на раме, — го бараше ова место и, ете, сега го имаш, биди среќен! Си го заслужил да го имаш, Леме. Тоа е твое, — рече и како враг се лизна низ таванот оставајќи ме сам на тоа место. Како тој миг и самиот да се претвори во дел од таа вода, потона во ноќта.

Еве еден од најрадосните векови во домот. Проклет да бидам, тоа беше најрадосен час во мојот живот. Признавам ниту тогаш, ниту подоцна веќе не доживеав еден таков радосен век. По еден таков миг, можев да издржам секаква казна. Од тој ден животот во домот сосема ми се промени, ме напушти толку заканувачкиот страв што беше вселен во секое катче во домот, повторно можев да мислам на Сентерлевиот рид, на оној рид од каде што се раѓа сонцето. Проклет да бидам, тоа беше радост.

Ноќите поминати на таванот беа најубавите часови во домот. Тука, на слобода, со илјади звуци, бои и желби. Го чувствуваш тоа, го впиваш во себе и од лазливо, црно полжавче, одеднаш стануваш нешто големо, чудесно, живо. Во твоето малечко исплашено срце се раздвижува џиновски бран. Гледаш се руши ѕидот, во твојата душа се втиснува радосно чувство дека ќе се исполнат желбите. Кликнува во тебе, се отвораат твоите слабости гради и од нив кон небото излетува чудесна птица, со златни перје. Со часови потоа без некој да може да ви забрани летате над водата. Крилјата ви се силни како кај млад гулаб што се родил тука, во топлите седела на старите стени, карпи. Страшното рикање на брановите, таа силна бура онаа ноќ кога дојдовте на свет, тој голем страв, неизвесност, се губи мигум во оној час кога вашето светло, леко крило ќе го допре маѓепсниот бескрај на пространството. Леташе без умор, без крај. Лудо. Те мамат невидени, волшебни предели, еден од друг поубави, посветли. Дотогаш нешто слично не виделе твоите очи, како магнет те влечат кон нешто уште поубаво, посветло. Вечно. Проклетда бидам, вечно. Јурејќи, се сретнуваш со смртта. Слушаш некое од децата во сонот, во тихата, глува ноќ, вриснува како да му ставил некој нож под грло. Гледаш ококоравени лица на смрдливите постелчиња, уште во сон, во бунило. Во треска. Тогаш како луд трчав на тоа место на таванот. Се прашав молкнејќи се низ големите пајажини: каде е тој рид, тој проклет рид што некое од децата го нарече Сентерлевиот?

Загрузка...