Живко Чинго Големата Вода

На мајка ми Верга

Кога веќе решив да ви раскажувам за Исак, Кејтеновиот син, би имал толку убави, нежни и незаборавни спомени, толку чисти и светли мигови кои не верувам дека некогаш можеда се заборават. Јас сум толку горд кога си спомнувам за Кејтеновиот син, горд како самиот Исус Христос. Но јас сакам да ви ги изнесам само оние часови во домот, само оние проклети часови поминати во домот, господе, та ние и немавме други часови, чесен другарски збор, само оние часови додека дојдовме до Сентерлевиот рид. Тоа беше некој непознат рид, Сентерлевиот. Говореа дека е тоа оној рид откаде што се раѓа сонцето, невозможно, ридот откаде што се раѓа сонцето. Познава ли некој друг такво слично место, таков еден рид откаде што се раѓа сонцето? Не верувам, се чини, Сентерлевиот беше единствен таков рид. Веројатно, тука имаше и нешто неречено, но тоа за вистината не го знаеше дури и татенцето, нашиот управител другарот Аритон Јаковлески. Како што беше-беше, по време едно со сигурност дознавме, — патот до Сентерлевиот рид беше страшно стрмен, како во пеколот. А ние само што требаше да појдеме по него, — проклет да бидам, — и сега не знам откаде толку сила, волја, храброст за еден таков ужасен, тежок пат. Во почетокот ќе спомнам само толку, илјадапати, милионпати, неброено била поголема, посилна страста за убавиот живот и слободата. Проклет да бидам ако тоа не н`е држеше да одиме, да не се плашиме од страшните казни. О, вечни, о слатки соништа. Проклет да бидам, тоа беше гласот на Големата вода.

Загрузка...