Проклет да бидам, циркус. Поети, артисти, оперски пејачи, балети, свирачи, кросисти, таленти. Во тоа време, за сите нив којзнае како во мене беше всадено едно многу чудно, болно чувство. Мислев тоа се несреќни луѓе, болни, неизлечиви. Кутрите нељубени суштества, мислев, браќа на човекот. Се разбира, го знаат тие животот, го сакаат, го љубат животот. Човекот им е во срцето, — го знаат тие неговото лично, несреќно лице. Сигурно, кога и тие се несреќни, навредени, згазени луѓе. Биле и гладни, сигурно исфрлени од прагот на многу куќи, негостољубиво дочекани, о боже, такви тие знаат што да испеат, да ја овековечат болката на човекот, знаат што да му кажат, каде да го упатат. Затоа отсекогаш сум ги слушал со отворена уста и таа проклета навика од најраните години уште ме следи. Ќе ми заприкажува човек за најглупава работа, на пример, како цел тој ден се моткал околу велосипедот на неговиот син (сигурно му пукнала гумата) и јас ќе отворам уста за да го слушам. Тоа не беше причина подоцна најсилно да ги замразам, да ги наречам разбојници, најголеми лажговци. Сигурно тогаш не знаев дека се тоа особени луѓе, колнати, дека со нив од едната страна иде ангелот, а од другата ѓаволот. Сакав да раскажам за тоа, за талентите, за тој несекојдневен настан во животот на домот.
Таквите работи се правеа во празничен ден. Проклет да бидам, празничен. Тоа веќе беше в ред, тоа веќе однапред го знаевме. Пред седум дена. Сигурно за да бидеме подготвени за дочек, пречек на музата. Проклет да бидам, муза. Мислевме тоа е некоја Оливера Срезоска, член на испитната комисија. Но знаевме нешто друго, а тоа признавам, беше најдоброто во таков ден. Тој ден подобро н`е нахрануваа, проклет да бидам, н`е колкаа до гуша. За тоа добро си спомнувам, за појадок добивавме изобилно витаминска, зеленчукова чорба. Со зелка и доста компир. Проклет да бидам, го јадеш и го доживуваш, тие раѓаат секакви чувства. Сигурно попусто не ни даваа толку компир. Имаше и репете, јадеше колку душа што ти сака. Го сркаш тоа и си мислиш, — денеска се избираат таленти, боже, што ќе пропее во тебе, каков е твојот талент. За што си ти, погодуваш, велиш едно, велиш друго, па тешко да се решиш, зашто гледаш сите таленти се во тебе, ги имаш, ти ги дал господ. Приземаш од компирот и пак размислуваш, си велиш, ајде да бидам поет, тоа е добра работа, не, ќе ме натераат нешто да цитирам, не знаеш, тоа не е убава работа, — ајде да бидам оперски пејач, сакаш да пробаш, си голтнал цел компир, не излегува гласот, се препотуваш, најпосле се ти се помешува, срце малечко, паѓаше во очај, мислиш, ами ако нема ништо во тебе, наеднаш ти паѓа тешко, ти се слошува, сето тоа што си го кркал со преголем апетит, отров ти станало. Но на аудиција мораш да излезеш, таков е редот. Мртов. Проклет да бидам, мртов. Се поохрабруваш пак, нешто те држи сепак ти го крепи духот, тие веќе некако ќе ти го одредат талентот, знаат тие, проклет да бидам, знаат, знаат кој колку пари чини.
Оттогаш поминаа дваесет, триесет векови, но јас за с`е толку живо си спомнувам, како тоа да беше вчера, вчера изутрина, за појадокот. Во седум часот, а будни сте цела ноќ. Цел век, проклет да бидам. Гледате очите на сите деца полни се со некој темен, страшен оган. Светнале испиените лицулиња, станале некако чудно неспокојни, многу сериозни, чиниш умни, убави, никогаш поличен не бил стројот. Уште првиот ден кога ни соопштија за овој толку чуден, необичен настан во нашиот живот, н`е фати таа треска. Проклет да бидам, треска. А тоа, исто така, беше соопштено на најуметнички начин. Воспитувачот, предобриот Трифун Трифуноски, поет, одговорен раководител на Фискултурната и литературната дружина, со две околиски првенства на крострчање (пролетниот и есенскиот крос) — со еден забележителен, забележлив републички настап, тринаесетти, изваден во весник, награден со диплома и тие нешта што одат со тоа, — на највозвишен, стоотстотен уметнички начин ни соопшти за денот на аудицијата. Господе, каков глас, тоа, се разбира, беше мојот тогашен критериум за уметноста, мислев, коњите трчаат за да се докажат, природно, поетите викаат за да се надвиваат, — реков, каков глас, каков силен глас имаше Трифун Трифуновски. А требаше да се рече како тој, читајќи, сите од ред н`е потресе, н`е столчи. Проклет да бидам, можевме наместо да останеме мртви, покосени. Читаше збор по збор, граната по граната, разни калибри, зависеше од целта — маршираше од едниот до другиот крај на стројот, за него тоа не претставуваше никаков напор. Напротив, леташе, чиниш, птица, раширил раце и лета благородниот Трифун Трифуноски. Возбудата, страста во која беше искажано и најбезначајното зборче, ете, тоа пленуваше, потпалуваше. Пожари. Проклет да бидам, пожари. Немаше дете тојчас што не се помести од стројот, што барем еднаш под влијание на Трифун Трифуноски не замавна со рака. Туку гледате некој цела рака ќе ви ја вотне в уста, в очи, ќе ви ги извади очите. Не ве забележува дека сте крај него во стројот, ослепел. Воопшто тоа беше првпат кога децата толку многу се пуштија, заборавија на редот, на правата линија. Се колнам, првпат воспитувачите и татенцето ни простуваа еден таков страшен престап. Кое срце можеше да остане мирно, неразбранувано, кога Трифун Трифуноски ќе ги ококоравеше очите, кога, со прст покажувајќи на вас, ќе рече:
О, да! О, не!
Зошто не!?
Те гледам како глист,
а можеби во тебе е артист!
О, да! О, не!
Зошто не!?
Можеби пак враг,
некој друг чудна дарба,
ова-она, другар-брат,
четка, бои, нова шарба.
О, да! О, не!
Зошто не!?
А можеби поет,
човек со цвет!
(силен аплауз, ура)
О, да! О, не!
Зошто не,
можеби машинист,
весел тракторист, чедо мило!
О, да! О, не! Можеби пилот, светло крило,
можеби оперски пејач,
орач,
сејач,
О, да! О, не!
Зошто не!?
Најдобро ударник,
количка,
крамп,
трудбеник прв,
дарител на крв!
(уште посилен аплауз, ура, ура)
О, да! О, не! веднаш ги запаметувате овие значајни стихови, овие стихови што ни оставија најсилен уметнички впечаток. Одиш и си доживуваш, си велиш:
— Да го направам ова или не, па си одговараш:
— О, да! О, не!
Тоа чудно, силно човечиште Трифун Трифуноски, се виде, не бил само во нозете надарен. Колку во нозете, стопати повеќе во душата имал, во срцето. Проклет да бидам, толку сето тоа беше необично, страшно. Тие седум дена како насон ни минаа, како откорен да ни се измени животот. Заборавивме на ѕидот, на ужасните утра, на будењето, на часовите по карактеристика, на бедниот живот, на сите понижувања. Проклет да бидам, душата ти е богата, тоа беа среќни векови поминати во домот. Немаше дете што не посака овој миг да потрае вечно, засекогаш. Проклет да бидам, вечно. О, каква вода, каква голема вода зашуме во нашиот глув дом, нашиот несреќен живот наеднаш беше среќен, друг. Цел. Со тој благ, радосен сон легнувавме, со него се будевме. Тогаш беше возможно, можно с`е, се колнам, с`е можеше да се издржи. И најслабото дете доби сила, со леснина можеше да издржи секаква казна. Проклет да бидам, ништо н`е болеше. Некоја мртва птица како да оживи во детските гради, се стопи мразот. Тажните, немтурести деца одеднаш станаа други, ги кренаа главичките како да си ги повадил. И самата околина чиниш се измени, домот, дворот, се! Смрдливите постелчиња расцутеа, пустиот двор, црното дрво пушти цвет, имаше бел, имаше црвен, имаше син, имаше виолетов, имаше жолт, златест цвет. Крвав. Црвените букви со кои беше испишан ѕидот се престорија во пеперутки, големи, чудесни, нови пеперутки, од Антарктик долетани. Златни пчели почнаа да ѕунат во воздухот, сигурно подмамени од мирисот на најубавите цвеќа (лакомо збираа сладок прав), — во воздухот најубави, најшарени балони летаа, се случуваа најневозможни нешта, златни рипчиња ви запливале пред очи. О, боже, што можеше тоа друго да биде освен слободата, освен сонот, разбранетата детска фантазија. Повторно ја слушав Големата вода, стоев на највисоката карпа, повторно се јави оној непознат глас, таа жена, мајка. Проклет да бидам, мајка. С`е, с`е, што ќе посакавме во тие мигови беше наше! Проклет да бидам, колку малку требало човек да се почувствува неизмерно среќен, радосен, полн со слатки, занесни соништа.
Тука гледаш, некое кутро се одлепило од земјата, летнало! Проклет да бидам, се завеало, тргнало некаде далеку. Сонува. Погледот му станал како кај тешко болен човек. Слеп е, глув е, ниту гледа, ниту слуша. Којзнае каде му летнал умот. Што оти му се обраќате, не ве слуша, не ве гледа, повеќе ништо не го интересира на земјата. Тоа наоколу што се случува за него сега е обична, проста работа. Тоа нему му е туѓо, тој не е тука, не барајте го! Ако му речете:
— Каде си тргнал, брат, тоа е ѕид!?
— Ѕид, — ве гледа сожалувачки, како да ти вели, — несреќник, каков ѕид, јас сум горе, во небото, меѓу белите, меки облаци, што ме интересира твојот ѕид! Убиј си ја главата кога немаш никаков талент, пријателе — како да ви вели неговиот далечен поглед. И акнува, му распукнува челото како зрело карпувче, потекнува црвена водичка. Ништо не го боли, тоа не е неговата глава. Во него некој друг живее. Проклет да бидам, талентот. Ужасна работа беше ти бил талентот, се колнам.
С`е што правевме, с`е што работевме, тоа дури и што одевме, нашиот од, чекори, тоа и што јадевме, нашите усти, и тогаш кога спиевме, нашите бладања, сето тоа беше во некоја ѓаволска врска со талентот. Во тие денови не едно од децата туку ќе се штрекне среде ноќ, туку ќе скокне од креветот, зар мислите се виѓаваше во каква жалосна состојба се наоѓа, — просто го тера нешто и тој летајќи излегува од спалната. Птица. Проклет да бидам, имало господ, во тоа темничиште и по тие скапани скали да се помине само со неколку полесни случаи, — чело, нос, око, шината нога, о, тоа морало некој добар ангел тука по цела ноќ да бдеел. Туку гледате едни се качуваат, други слегуваат. Ни добро утро, ни добра вечер, секој си е сам. Глувте. Поети, трактористи, мотористи, оперски пејачи, балерини, свирачи, хористи, артисти, река, туку си тече. Се колнам, тојчас и родината мајка не би ги распознала. Како, како да се распознае сега таа убава, таа како мравка што беше кротка Босилка Кочоска. О, господе, главчето `и летнало горе, ако се сопне, ништо не ќе остане од нејзиното малечко, шилесто носе, чпртесто, слатко врапчешко носенце. И ножулчињата `и се такви, немирни, оди ситно, оди на прсти, проклет да бидам, таа е народна балерина. Народна балерина Босилка Кочоска, здивот да ви застане. Се колнам, тојчас неа и по вода да ја пуштевте — ќе одеше, водата ќе ја држеше. Проклет да бидам, би одела. Некои од децата, малечки мангупи, лоши карактеристики, некои без талент, Кејтенови браќа, ѓаволи, за да се пошегуваат, туку ќе `и се обратат за нешто, ќе ја прашаат:
— Другарке Босилке Кочоска, како ви беше името?
Одговорот воопшто не беше важен, зашто таа и не заушила како треба, не оти ве чула, — можеше да се поставуваат уште поглупави прашања, — важно беше тоа нејзино поклонување доземи, тоа нејзино вратче кога ќе се издолжи и тие нејзини малечки устиња, поднапрчени, непознати, нови, кога ќе ви рече со некој потпевен глас:
— Молам, да, благодарам!
— Не, ништо, велите, простете!
А таа ќе ви одговори:
— Догледање, повелете пак! — притоа длабоко ќе се поклони, чудесно, маѓепсно, ќе ве дамлоса. Па да видите, сакале или не, вие се позапирате и сега сосема сериозно, сами себе, се прашувате:
— Таа беше или не? — Се испитувате, си ги триете очите. Гледате и со вас не е нешто како што треба и вам ви влегла водата. Што се вели, не ви се овците на број. Па на ветрот му велите:
— Збогум, догледање! — Некоја сенка ве измамила, ви се присторило, ве врзало нешто страшно. Проклет да бидам, талентот ти бил голема магија, болка.
Ете, случајот со Тодорче Терзиоски. Сигурно можете и самите да си претставите какво уметничко име е Тодорче Терзиоски! Едно малечко биволче, еден ненаситник, еден вечно гладен, наеднаш беше ти осетил како нешто го дави во грлото. Саноќ го давело, одвај дишел. Му се брало, му се брало и изутрината, за време на појадокот, наеднаш му пукна. Изулавено скокна од масата, запеа и се затвори на едно место што не е за спомнување. Оперски пееше, грмеше целиот дом. Во првиот миг малку н`е штрекна, се поисплашивме, што е оваа работа рековме, го оставивме појадокот и летнавме да видиме што се случило.
— Што ти е, Терзивче? — нежно го праша татенцето Аритон Јаковлески. — Да не ти е нешто лошо, Терзивче?
— Не, — рече овој пеејќи. — Доб-ро ми-ет, вежбам!
— Ами што вежбаш, Терзивче?
— Оп-е-ри- др-у-гар А-ритоне Ја-ко-вле-ски!
— Вежбај, вежбај, — му рече татенцето, си го избриша челото, па така малку се поуспокоивме.
Потоа тој со саати остана на тоа проклето место, што, зар нему нешто непријатно му замирисало? Проклет да бидам, тоа за него беше нешто најслатко, највозвишено. Душата му пееше, зар човек тукутака излудува па од изутрина до вечер, цел ден, да може храбро да остане на едно такво место. Зар едноставно беше тоа некој мал кеиф, о, се колнам, тука беа чувствата вмешани, тоа беше некоја страшна, длабока сила. За што било тие денови да разговаравте со него, тој не умееше човечки, обично да ви одговори. Добро утро ако му речете, тој ќе ви одговори оперски:
— До-до-до-бро-у-у-ут-ро! Цел ден потоа само тоа го мрмори. — До-до-до-бро-у-у-ут-ро! Можеше да е и вечер, полноќ, сеедно, за него беше само добро утро. Проклет да бидам, утро.
Сепак, тоа не беше и единствената впечатлива промена кај децата. Со душата се менува и надворешниот изглед, с`е. Може ли тукутака да се дозволи една голема, една славна народна балерина, еден таков артист или поет во долги капутчиња шиени од тенки, излитени ќебенца, лошо скроени, а уште полошо вапцани во лисје од костени. Сигурно тоа не смееше да се дозволи, о, колку ново, шарено, чудно изгледаше тоа неделно утро. Некој што не знаеше за домот можеше да си помисли — панаѓур. Девојченцата од своите селски, црвени шамии си направиле големи, шарени пувки, па гледаш со шпенигла си ги закитиле која на градите, која во косичката. Проклет да бидам, црвени цветови. Други пак со бело конче си ги сплеле косичките во венче и ги пуштиле до над чело. Ја виѓаваш, не веруваш, оди тивко, лесно како самовила, како волшебничка. Момченцата, исто така, се погрижија за да изгледаат многу поубаво и посвечено. Со часови само едно работеа: ќе плукнат на дланката и туку гледаш ги тријат дивите перчиња, спитомувај ги, чиниш, ги лижела крава. Сеедно се огледуваат на мали огледалца. Потоа, со доста нечистите шамивчиња (тоа пред спиење), — си ја врзуваа залижената коса, и така со некоја голема душевна леснина легнуваа, сонуваа. Проклет да бидам, тоа беше врв, совршенство. До изутрината беа мајсторството и радоста, а тогаш гледате косата станала како туткал, ајде сега одлепи ја, ајде сега да се зачешла, крвави солзи ќе ти протечат. Но во тоа беше моќта на талентот, — кутрото дете почнало с`е одново, храбро го поднесува и најголемиот бол.
Тој ден и татенцето и другарката Оливера Срезоска и Трифун Трифуноски, со еден збор — сиот дом изгледаше мошне свечено, празнично. Татенцето си го имаше наметнато војничкиот шинел, по овој повод го имаше ставено и орденчето, а Оливера Срезоска и Трифун Трифуноски беа променети во натпреварувачките блузи од крос-натпреварите. Тогаш Оливера Срезоска прв и последен пат ја видовме во блуска, слободна, откопчана. Проклет да бидам, откопчана. Другите двајца воспитувачи, другарот Колојаноски и Метеорот, служеа како оркестар. Другарот Колојаноски беше ти свирел на грнета, стар занает, а Метеорот нешто малку знаеше да трга на хармоника. Во исто време беа истакнати сите знамиња и другите работи што одат со тоа и веќе можеше да се рече дека почнал испитот. Проклет да бидам, тојчас ѕвонарот зачука на камбанчето.
Тоа беше во северната соба, во мразарницата. Испитната комисија, татенцето, како претседател на комисијата. Оливера Срезоска, како член, и Трифун Трифуноски, исто член, на најсвечен начин ги зазедоа своите места на испитната маса. Тојчас во северната соба одекна силен аплауз — ура, ура, ура! Можете да си ги претставите детските срца во тој проклет час. Кандидатот што беше повикан од комисијата излегуваше како да беше целиот посипан со студена вода. Му играа вилиците.
— Каков е вашиот талент? — прашаше татенцето.
— М-м-мојот т-т-талент е се-секаков, — одговараше кандидатог.
— Се разбира, сигурно тоа, — ќе речеше благо, навивачки другарот Трифун Трифуноски, — се гледа, пред очи е работата, ама сепак вие, мило мое, изберете една дарба, најблиска до вашата душа, таа што како пролетно поточе ви жубори во жиличките, во цветните, мали жилички, таа што како благо ветре ви вее пред вашите убави, сјајни очички, и ајдете запрете го Трифун Трифуноски, тој сосема се забораваше, се гледаше: него исто така треска го тресеше, како тој да полагаше.
— Па да, и јас така нешто мислев, — вели бездарникот, па утот бесрамно си го става црното прсте на излупеното чело (таа проклета коса), — ете, сега, никако не може да си спомни, заколете го — не може да се сети или ако си спомни тоа е нешто што воопшто не го мислел.
— Тогаш, ајде, кажи една стихотворба, — ќе го потсетеше другарката Оливера Срезоска. — Речи нешто!
— Па да, Први мај, — му светнува, но за кратко, брзо згаснува искрата, од слама е, освен тие два збора, со клешти не можете да му извадите други, како магарче се заинаетило.
— Ами знаеш да играш, — ќе прашаше татенцето, — знаеш некој танц?
— Е, тоа знам, — вели брзо, — аха, тоа многу сакам, оро!
— Да видиме тогаш, — ќе речеше татенцето и ќе му дадеше знак на Колојан Николоски.
Тогаш другарот Колојаноски ќе дувнеше во грнетата и тие несреќниците ќе почнеа кој како, како пијани, излудени, сосема избезумени, црни сенки, страшни, да се веат ваму-таму, чиниш некој лош ветар ги носи. Скокаат, врескаат, пеат, плачат, се потат и препотуваат, се дават во изобилството прав кренато од нечистото душеме. Се измешале сонцето и правта, пливаат децата во позлатената прав, црни, уморни, премалени. Потоа како покосени паѓаат на нечистото душеме, се дават во правта. О, боже! Уште беше поделикатно со кандидатките за балет, проклетство. За нив специјално свој состав имаше направено Метеорот. Проклет да бидам, балет. Туку гледате, ги исфрлиле од себе неубавите, груби капутишта, ги слекле тешките војнички кондури, која боса, која по калци, бели, домашни, која по свилени чорапи добиени на крос-контрите (како награда), — која по гаќички, која во селско шајачно фустанче, која со долги, мили раце, бели, слаби, о боже, некоја што била малечка се извила, заластарила, високо, до небото, друга се смалила, се свиткала, се подгрбавила, о господе боже!
Еден, два, три,
три, три, четири, проклет да беше немилостивиот Метеор.
Еден, два,
три, три четири, како страшни, црни пеперутки леткаа во обилната прав на северната соба. Се играше долго, лудо, ужасно. Сигурно можете да си замислите една таква ужасна, црна игра на гладни, на бессони, безмерно измачени, несреќни деца. Проклет да бидам, мислев дека ќе умрам. Се колнам, никогаш поголем страв не бев осетил во животот одошто тој ден. Долги години потоа сонував како играм, како скокам среде таа прав, во тој пекол.
Кејтен, пријателе, како игравме, како се веселевме, ура!
Пуста беше сета строгост, сите казни, сиот ред кога во главата ненадејно ќе ви се јавеше тој бран, Големата вода. Проклет да бидам, илјади мали, светли отворчиња тогаш се јавуваа на ѕидот, гледаа преку него, во водата. Земени, маѓепсани. Гледаш отворче до отворче, болска. Тоа беше најчуден, најмагичен лавиринт, обидете се, пронајдете го погледот на детето каде го пробило ѕидот. Управата секој дел вршеше ревизија, казните беа строги, отворите се цементираа на самото место. Слепци, каква полза од цементот, кога веќе час подоцна никнале уште илјада такви места. Едно време управата, за да се ослободи од овој проблем, организира општо уништување на „прозорчињата“, лично оваа акција ја раководеше Аритон Јаковлески. И никој веќе не се сомневаше дека најпосле и на овој проблем ќе му се стави точка, кога однекаде пак, по којзнае кој пат, се јави нејзиниот глас, рече:
— Ајдете, — ни довикна, — што сте замрзнале, одете! Тоа е Сентерлевиот рид.
Уште истата вечер илјада нови отвори ѕиркаа кон Големата вода.