Ми го одредија за другар во стројот. Проклет да бидам, другар од стројот. Ме задолжија со него, ми го натоварија на врат. Секој примерен беше задолжен со по еден таков лош другар во стројот. Реков примерен, проклет да бидам, поради тој збор за малку да го замразам целиот свет. Примерен другар, примерен пионер, примерен скоевец, примерен градител. Примерен, што уште не, проклет да бидам, примерен серко. Но таков беше редот, се колнам.
Беше пролетта 1946 година, првата пролет по војната. Оттогаш сигурно поминале илјада години. Си спомнувам само толку, фати лошо време, снег. Фуртуна. Голема снежна бура се спушти над земјата и сите дрвја што беа цутени ги претвори во мраз, во бело. И с`е одеднаш молкна, се изгубија прекрасните и безбројни звуци на штотуку почнатата пролет, ништо, ништо не остана од таа убава, силна светлост. Мраз. За тоа со сигурност се сеќавам, зашто имав кратки, пролетни панталонки сошиени од шарено италијанско ќебе. Снегот беше висок, до појас. С`е, с`е тој имаше згмечено, покриено.
Ние бевме една тажна толпа гладни и нечисти деца, бездомни. Лоши, црни малечки гадови, како што н`е викаа добрите воспитувачи. Уловени по полињата, по градините, по шумите, по плевните, по карпите, по големиот снег. Проклет да бидам, ние не се даваме. Сигурно не знаевме дека ќе н`е носат во дом, под покрив, во кревет, дека ќе ни дадат топло кафе со џем и парче леб, дека тоа го прават за наше добро, за да н`е згрижат и сите тие смрдливи работи што до ситница се предвидени со домскиот ред. Со закон, проклет да бидам. Добро тоа, но ние пак не се даваме, ви велам, целата таа пролет како ѕвериња, н`е ловеа одреди добротвори од црвениот крст, одреди воспитувачи и секакви ловци.
Морам да признаам, јас бргу се премислив, по седум дена. Проклет да бидам, самиот им се предадов. Добро, реков, не сакав премногу да ги жалостам срцата на мојот добар вујко Илко Костадиноски и на мојата златна вујна Кола Костадиноска. Добро, реков, да излезам од празниот амбар, доста другарував со глувците. Сепак вујко ми Иле, добриот вујко Иле, кога тргнав, на разделба, кога му подадов рака за да се поздравиме, се колнам, ја остави вилата, го вадеше гнојот од шталата, си ги позабриша рацете од колената и пазувите, ме прегрна толку силно што чинев сите коски ќе ми испукаат. Рече:
— Леме, сине! Леме внученце, не ти велам збогум, не бил јас Иле Костадиноски ако не те вратам од тоа проклето место, — тоа го рече со таков глас што можеа да го чујат дури и тие што беа крај реката, како да сакаше тоа сите да го чујат. Тогаш однекаде задишена пристигна и вујна ми Кола заедно со братучетки ми, Стојна и Мара, моите мили братучетки. Но вујче си остана маж, тојчас на ништо не се обѕрна, с`е така силно ме држеше во себе (сигурно не го чувствуваше мојот бол), с`е посилно ме земаше во себе незапирливо викајќи: — Сакам да ми веруваш, Леме, внученце! Жими ова златно сонце, Леме, ќе те спасам. (Господе, сивото, снежно небо, весело се отвора над нашите глави, се јавува зрак и таа мала светлина, победоносна, ни покажува дека е тоа пролетно време. Проклет да бидам, пролет.) Верувај ми, Леме вујчино, ќе те спасам! (На тоа вујна што ги начули ушите! Како нејзините окоравени очи да рекоа: — што, што!?) — Ништо, Леме, рече тивко вујко ми, во очите му светна солза, се колнам, — само нека поминат овие пусти, гладни години, рече. Гледаш и сам Леме, рече сосема тивко, гледаш како мачно се живее, никому не му е добро, синко. Што да се прави, мило, мораш да појдеш во таа зандана.
Проклет да бидам, така рече — зандана. Сигурно јас уште не можев да знам што значи тој збор, воопшто бев многу прост и неук. На своите дванаесет години се потпишував со ЕМ, бидејќи никако не сакав да ја запомнам буквата Л, зашто таа на нешто многу лошо ме потсеќаше. Имав завршено само едно одделение и чинам немаше некоја поголема наука во мене. Тоа време, признавам, сосема малку зборови знаев, и тоа с`е некои лоши зборчиња што никако не можам да ви ги соопштам, бидејќи сега им го знам нивното подлабоко значење. Само да си спомнам за својот тогашен речник, проклет да бидам, јас веднаш почнувам да се потам, душава ми црвени од срамои. Се колнам, точно во тој тажен и многу жалосен час, во мигот на разделбата на топлото буниште видов како еден млад, бесен петел со премногу впипрен китик ѕверски налета на едно кротко коковче што ситно со ножињата си чепкаше по гнојчето и, ни пет ни шест, бесрамно го пови под себе, ама, за едно секунде, само окото што ми трепна, проклет да бидам, тоа не рече ни грк! Што убава работа, помислив, тие се клецкаат, ама тоа не беше мој збор, се колнам. Таа ука ја имав добиено од дедо ми Костадиноски, лесна му земја, всушност — тој така би рекол кога би бил жив, кога пак би лежел тука, под стреа, греејќи се на пролетното сонце, исфрлајќи тежок мраз од градите. Проклет да бидам, во таков час дедо ми целиот се растопуваше, стануваше сина, болскотна капка. Охо-хо, ќе речеше мавтајќи со рацете, чиниш ќе излета во небото, охо-хо, се клецкаат, Леме! На дедо ми Костадиноски му бев љубимец и тој во с`е ме подучуваше. Знам и зошто мачките по цел ден и цела ноќ мјаукаат зимно време. Знам и за кучињата и за кравите, знам зошто вујна понекогаш ме мазни по глава, ми дава лепче со сиренце само за да излезам надвор од куќи; знам и колку го налутува тоа мое влечкање по скали добриот вујко, него место не го земаше чекајќи да излезам од куќи. — Отрув ти се сторило, оди, оди! — избезумуваше вујната во таков час. Се колнам, знам полно такви работи, што сега ги изоставам, зашто морам веднаш, веднаш да тргнам, видов солзи во вујнините очи. Тоа веќе сосема ме истера. Проклет да бидам, ако тоа потраеше уште еден миг — чинев ќе умрам, ќе ми препукне срцето.
— Леме, збогум, со здравје оди си, ама немој вака-така да си говорел некаде, оти лебот ќе те фати, Леме, зашто како мое дете сум те имала, тоа да го знаеш! Сум те чувала како гулаб, да знаеш!
— Ох, — реков сочувствувајќи, — ох, добро вујне, — сакав уште некој збор да речам, но таа уште посилно заплака и јас конечно морав, морав да појдам. Проклет да бидам, а толку сакав тој час да се продолжи, да погледам во слаткото буниште. Најмногу ме разжалостија кротките кокошки, ужас ме фати кога помислив, боже, се делиме, се сврши. Мислев никаде на друго место во светот нема кокошки, уште такви мили и толку добродушни. Но од моја страна ќе беше сосема нечувствително веќе секое задржување, не сакав премногу да ги жалостам срцата на милите роднини. Проклет да бидам, таков сум по природа не сакам да останам ни минутче каде што не ми е местото. А и тие солзи во вујнините очи; повеќе сакам смеа. Проклет да бидам, некогаш каков голем смејач бев, си замислував дека ми нема рамен, ќоравам с`е околу себе! А јас најчесто бев сам, без никого во животот. Понекогаш кога ќе си спомнев за тоа, што слатко, што безумно сум се смеел сам со себе како некоја сирота будалетинка. Проклет да бидам, ми доаѓаше некоја луда смеа, никако не можев да запрам. Си спомнувам, и тој така се смееше, мојот другар Кејтеновиот син, ќе видите, лудо се смееше. Некои од домот, а особено оние од управата што мислеа знаат с`е, говореа дека е малку удрен, дека и самиот не знае зошто се смее. Проклет да бидам, тој знаеше зошто се смее. На сите одред им ја пушти водата, такви гомнари веќе преку глава ни беа, ама тоа беше смеа. Тоа со дрвото само тој можеше да го смисли, проклет да бидам. Охо-хо, како сите се клецнаа, дури и татенцето другарот Аритон Јаковлески. Што раскажував, за разделбата, добро, тие солзи ме удавија. Знаев оти се лажни, знаев оти се нечисти, проклет да бидам, зошто плаче кога по првиот чекор жив ќе го изеде вујко ми за оние зборови кога ми рече дека ќе ме врати. Се колнам, видов како душмански го погледна во тој миг, да можеше со вилата ќе го избодеше. Проклет да бидам, сите тие седум дена, додека бев скриен в амбар, таа каде не го испрати кутриот вујко за да ме пронајде. Се колнам, под камен и дрво ме бараа. О, боже! Сега збогум, можеби некогаш ќе се вратам за да го спасам вујко ми, — оди, оди Леме, оди мило, како да ми велеше неговиот тажен, несреќен поглед. А, всушност, никако не можев да се одделам од топлото, маѓепсно буниште. Проклет да бидам, тоа најмногу ми го матеше умот, с`е си мислев тука нешто големо, нешто неочекувано, некоја слатка тајна се крие. Сепак ќе морам да се вратам еден ден, си мислев, се заколнав во душата.
— Збогум, мили братучетки!
— Збогум, Леме! Збогум, убав братучед Леме!
— Збогум!
— Никогаш да не се вратиш, да даде господ! — не издржа доброто вујне, за добар пат, на третиот чекор ме благослови. Проклет да бидам, благослов.
Појдов не сосема тажен, појдов со некаква чудна, непозната среќа, целиот пат до Баска го минав среќно. Се колнам, болскотеше пролетното сонце, на снегот уште појасно, уште посилно. Ох, каква убавина, виделина се ширеше насекаде наоколу, се топеше снегот, минејќи низ полето нешто топло како струичка влегуваше во мене, некоја чудна, убава треска ме тресеше. Проклет да бидам, тоа беше во Баска, не се заборава. Тука од сите краишта н`е собираа, црни, страшни детишта. Тука ми го натоварија, точно тоа сакав и да ви раскажам.
Под стража го донесоа во Баска. Тоа беше едно дете сениште од мои години, но испадна, излезе само така личел, имал три-четиринаесет. Тоа беше едно грдо, едно најгрдо детиште, високо, слабо, свиткано како врбова прачка, со искривени раменици, па потоа тие негови чудни, ококорени очи, како тие да не знаеја за сон, да се склопат. Беше бос, црн, парталав и не знам зошто насмеан. Проклет да бидам, ми намигна, туку ми чкрапна со око, чинев секавица ме погоди. — Некој удрен, помислив, а тој тогаш на глас се засмеа, како да ги разбра моите мисли. Проклет да бидам, разбра. Потоа се загледа во празно небо, некаде далеку, не обраќаше никакво внимание на тоа што се зборуваше за него. Проклет да бидам, тој час тој не беше тука, беше отпатуван. Потоа видов колку многу тој патуваше, се колнам. Се стресов кога другарката Оливера Срезоска, воспитувач и помошник-управител во домот, го залепи за мене. Мојата проклета карактеристика, сакав да `и речам, тоа не е моја, таа карактеристика е на мојот татко, но таа кратко и суво ме пресече.
— Леме, ова недобро момче ќе биде со тебе во стројот, — рече. — Ти ке ми одговараш за него, Леме. Запомни!
И овој збор одговараш ми беше нов, не го знаев. Сигурно требаше да ми рече — ако ти избега Леме, како куче ќе те претепам, ќе пцоисаш. Проклет да бидам, што можев јас кога имав таков бесрамен дедо и ме учеше се некои такви страшни, срамни работи. Овој збор во почетокот на ништо не ме потсеќаваше или, ако ме потсети, тоа пак беше нешто грдо, кучешко и не за спомнување.
Најголем впечаток ми направи тоа негово безмерно лутање, како да беше птица. Во таков еден час неговото неубаво лице како да стануваше друго, убаво. Проклет да бидам, целото негово суштество се изменуваше, од него тогаш како да зрачеше некоја таинствена, непозната, незабележна светлост. Првпат видена, се колнам. Стариот Вердев можеше да `и плукне на својата физика, проклет да бидам, таа светлост ја немаше во науката. Беше тоа некоја луда, голема среќа. Така ми се причини во часот гледајќи го заитан по патот, дувнат. Проклет да бидам, тој како да не беше во стројот, како да не одеше по тој грутчест, трапчест, полски пат. Се колнам, тој како да не беше на земјата. Леташе, божем целото поле, целиот простор беше негов. Проклет да бидам, тој беше далеку од тоа пусто, кално поле, далеку од црната колона несреќни, кротки како јагниња деца.
Оливера Срезоска особено на него се навраќаше, друг некој да направеше прекршок а таа нему му се развикуваше:
— Зошто се нишаш кога одиш?
или:
— Не мавтај со рацете, оди мирно!
или пак:
— Што си ја кренал главата толку високо! Зошто се смееш, кому се смееш, парталко низаеден! Види се каков си, наведни ја главата, престани да се смееш!
Тогаш, првпат ни се сретнаа погледите. Ме погледна кратко, со весела насмевка, како да рече: — Будалче, што си се стресол, од оваа лајава тетка си се исплашил, охо! Тука сум јас, биди си без грижа! Проклет да бидам, се однесуваше како јас, а не тој да беше казнет.
Недоверливо, напорки го погледав. Веднаш ги разбра моите погледи и сега не се стрпи, рече:
— Ти си луд, другар. Тоа ти го помисли и ти си луд!
Ја рече вистината, проклет да бидам, тој како да беше во мене.
— Ајде, — рече потоа пријателски, со онаа иста, глупава насмевка, — ајде, малечок, не биди дете! Јас ги знам таквите кученца како тебе, само лаат! И во истиот час толку силно, толку незапирливо за нешто се раскикоте. Проклет да бидам, ништо не можеше да го запре. Ќе се смее неколку векови, помислив, ќе се смее до последната капка. Се колнам, тој беше еден таков голем, страшен смејач.
— Зошто се смееш? — го прашав.
Мислев дека не ме чул, но се излажав. Веднаш кога навлеговме во градините, ненадејно тој застана и со рака ми покажа кон сонцето што зајдуваше, рече:
— Ене, таа е таму, водата. Големата вода! Ене ја, гледај! Што, зар не ми веруваш, другар? — праша навреден и се закикоте. — Па ајде гледај, ќораво пиле, отвори ги очите, погледај ене таму, онаму каде што свети како оган, ене…
Сето тоа го рече со една таква голема возбуда, радост што беше неможно да не му се верува. Проклет да бидам, тој ја виде, веќе ја имаше во своите очи. Беше проклето, нечовечки да не му се верува. Секој негов збор како да беше силно, бело боринче. Одеднаш тој во мене распали еден силен, дотогаш непознат оган за моето срце. Проклет да бидам, илјадапати можеби паднав и станав од патот. Гледав на таа страна каде што заоѓаше сонцето, ја барав Големата вода.
— Што да ти правам кога си слеп! — велеше смеејќи се, итајќи, весело мавтајќи со рацете ваму-таму, чиниш ќе летне.
По малку патување, пред нас се откри најубавата, најтаинствената слика на мојот живот. Големата вода! Огромна, чудесна, О, боже! Мил боже, не пречека со мајчински очи, со светол и благ поглед. Во мигот занемев, се колнам.
Децата како под команда застанаа.
— Доаѓа! — кликнаа децата како птици.
— Таа ќе дојде, — еден непознат глас ни се јави, една непозната жена сета во црно полека доаѓаше кон нас. Тоа беше мајка Верна Јаковлеска, добрата мајка Верна Јаковлеска.
Јас с`е уште ја гледам таа вода. Кејтеновиот сон, нашиот сон. Проклет да бидам, сиот наш сон. Крај водата можевме да пропатуваме уште толку дни и уште толку ноќи, можевме да одиме без прекин еден век. Цел еден век. Уморот, тешкиот пат, гладот и жедта што н`е следеа со часови додека н`е носеа во домот завчас исчезна, божем сета наша мака, несреќи ги стопи добрата душа на Големата вода. Снегот, планините, изгорените села, напуштените градини, пустите полиња, с`е остана некаде далеку, единствено во нас живееше Големата вода. Насекаде наоколу беше водата, проклет да бидам, Големата вода како нас да н`е чекаше. Се колнам, таа нас н`е препозна, таа нас тој час н`е препозна. Нејзиниот тивок глас како да ни зборуваше: — Одете, малечки мои, еве го патот, одете, не предавајте се! И ние одевме, чесен другарски збор, ние одевме. Се колнам и во другарката Оливера Срезовска, ние одевме.
Под строј, под команда. Проклет да бидам, во ред. Мајко моја, во ред. Запомнете го тој збор ако не сакате на секој чекор да ве клоцаат. Скотови, кој ја измислил таа брлива работа, ред. И ете, како награда за с`е што беше изгубено, како во најубав сон, маѓепсани стоевме на тој брег.
Милата вода! Вечерното сонце легнало над брановите, им се предало. Гледате: конец по конец се одмотува од златното клопче на денот. Во тој миг Големата вода личи на некој огромен разбој што полека, бесшумно, чудесно ткае. По некој таинствен пат, гледаш, сето тоа се пренесува и на брегот. Проклет да бидам, и дрвјата и птиците што слетале на нивните гранки се запределиле, златни пајажинести мрежи се веат по површината. Некои чудесни гнезда, се колнам. Тоа истото како да се случува и со луѓето, со чудна возбуда туку се јавуваат, туку се губат зад затворените прозорци. Проклет да бидам, како да се плашат да ги отворат. Но погледите ги откриваат, издаваат, во нив гледаш с`е, влегла во нив водата, ги зела. С`е, с`е се престорило во еден огромен, чудесен разбој што непрестајно неуморно тивко ткае. Така неосетно над нашите глави се отвора треперливото јужно небо. Илјади, безброј малечки кандилциња се запалуваат на јужниот свод. И чините како токму овој час да го чекала водата, слушате како се пушта, како волно, силно зашумува. Во часот таа е насекаде, проклет да бидам, нејзиниот глас е над с`е наоколу, царува. О, тој златен бран! Се колнам, тоа беше гласот на Големата вода.
— Ајде, — ми рече тихо Кејтен, ставајќи ја на моето раме својата долга, ковчеста рака, — ајде, малечок, ми шепна, зар не слушаш, таа нас н`е чека!
Проклет да бидам, тоа беше вистина. Заборавив на казната, што значеше и најголемата казна пред една таква убост. Не го прашав ни каде, ни зошто, тивко, без збор тргнав по него, како пленик препуштајќи му се да ме води. Тој како црн ѓавол се лизгаше по брегот надолу, потоа како јаре се префрлаше од карпа на карпа, непрестајно мавтајќи ми со рака, викајќи ме по него. Се искачивме дури на највисоката карпа. Проклет да бидам, највисоката.
Насекаде наоколу беа вода и ѕвезди.
Милиони малечки ѕвезди, проклет да бидам. Од нивниот благ оган како да се потпалуваше целото пространство, па чиниш насекаде светкаат, треперат. Слегле во водата, пловат. Во еден час сета вода и сиот брег почнаа да пламтат, зелено, сино — со глас на човек почна да н`е довикуваат, да н`е мамат. Проклет да бидам, можеби измислувам, можеби тоа беа само тихи, темни бранови, но тој глас беше вистина. Можеби тоа беше зелениот дух на водата, што знаевме — неми, стутулени еден крај друг седевме на највисоката карпа. Во сон, во магија. Без збор слушавме како доаѓаат и како се губат водите; како во ноќта бргу се множеа ѕвездите и како во изутрината уште побргу се топеа претворајќи се во ситна, сива прав. О, убавите ѕвезди на јужното небо. Гледавме како се губи снегот од родните полиња, се враќавме дома, проклет да бидам, дома. На портата еден мил лик со големи, многу длабоки очи, сини, чисти, најубави очи н`е пречекуваа. О, мил, боже, еден бран личи на Сентерлевиот рид. Се колнам, тој час ги видовме сите мили слики, сите изгубени слики беа вратени, секој предмет пак си беше на своето место. С`е, с`е беше вратено, дома. Ви се јавува и сосема заборавена работа, некогаш малечко трнче што ви влегло во босата нога, помните како мајка со игличка полецка го молкне и, за да не ве боли, непрестајно дувка со уста, со својата душа. — О, мило мое, о, мајкино срце! — го слушате нејзиниот глас.
С`е беше во Големата вода. Проклет да бидам сето тоа беше толку просто и убаво. Тоа беше среќен час, еден од оние часови што не се заборава што станува вечен.
— Кејтен, — го навикав на име како стар пријател, — Кејтен, брату мој!
— Леме, — рече исто така пријателски, како малечко кученце ме погали по косата, ми ги запре солзите што сами ми дојдоа на очи, рече: — Леме. брату мој!
Таа ноќ еден бран влезе во нас, еден бран што никој не ќе може да ни го земе. Тој бран останува човека за сите векови, се колнам.
Во што беше таа негова моќ? Многу непреспани ноќи, многу тешки денови ми донесоа само еден одговор, се колнам, тоа беше неговата човечка добрина. Тогаш ќе треба да раскажам за с`е, о боже, како умееше тој на мртвите, на неподвижните предмети да им даде душа, да ги оживи, да ги направи други, вистинити. Проклет да бидам, вистинити. Едно време во домот, многумина се посомневаа во неговиот човечки пород, ги исплаши неговиот дух (иако најжестоко се проповедаше против религијата), — некои, сепак, се посомневаа во него, можеби тој беше плод на нечистиот. Проклет да бидам, плод на нечистиот. Од каде, инаку, кај него таа шилеста глава, шилести раменици, нели тоа е некој страшен, полноќен, заврзок на некоја несреќна девојка со злиот дух. Тој не донесе никаква карактеристика, не си спомнувам некогаш ниту збор да рече за својата мајка, татко, браќа, сестри, — не, проклет да бидам, тој никогаш не спомна за својот кејтенски род. Каков можеше да биде тој? Едно беше познато, се колнам, секој што ќе посегнеше врз него потоа како да ја губеше моќта. И тоа не беше еден случај, — с`е што беше невидливо тој го виѓаваше, с`е што беше далеку, недофатливо тој можеше да го има, с`е што изгледаше цврсто со допирот на неговите шилести прсти се престоруваше во прав. Најпосле, зар тој не беше единствената и вистинска причина за смртта на Аритон Јаковлески, зар тој не го урна целиот ѕид, зар тој не ја пушти Големата вода. Проклет да бидам, беше обвинет за најстрашни нешта што сигурно никогаш не ги сторил во животот. Тогаш разбирате колку морал да претрга; најпосле, тој мораше тоа на најнезамислив начин да го плати. Проклет да бидам, токму така да го плати.