Нешто за карактеристиките, нешто за драмите

Кејтеновиот син беше еден од оние мали бедници што во домот дојде без карактеристика, без никаков реверс. Проклет да бидам, реверс. Со него работата беше уште полоша затоа што и на самите часови по карактеристика се однесуваше сосема незаинтересирано. Проклет да бидам, Кејтеновиот син часовите по карактеристика никако не ги вареше. Му застануваа во грлото како тврд залак. Еднаш си дозволи дремката да го совлада на часот. Проклет да бидам, тој заспа. На секој друг час можеше човек и да си дозволи таков луксуз, воопшто не беше опасно на друг час малку да се поспие, дури се претпочиташе како нешто нормално, природно. Се случуваше да заспијат и нашите учители, човек, што се вели, заспал. На пример Метеорот, нашиот професор по географија, другарот Секуле, не еднаш, не двапати имаше заспано, среќа што не му ги бележевме деновите. Проклет да бидам, ќе се порасправавме малку околу Земјата и Сонцето, околу фактот дека Земјата се движи околу Сонцето или Сонцето околу Земјата (еднаш Земјата се движеше околу Сонцето, а другпат Сонцето околу Земјата), — и по една таква жестока препирка ќе си легнеше. Но најпрво отткога ќе измешавме с`е, откога целиот небески свод ќе го удревме наопаку, Метеорот помирливо ќе речеше: — Добро де, будалчиња едни, што сте запнале толку, што е тоа најважно, Сонцето или Земјата, Земјата или Сонцето, сеедно, важно да знаете дека се движат, важно нешто се движи, доволно е толку! Ќе речеше и ќе си прилегнеше; со еден збор објаснето беше с`е, умно. Проклет да бидам, умно. Еднаш заспа точно на Марс, проклет да бидам, во самото предавање за’рчка. Така занесено вареше, клокоти стриче Секуле, чиниш грнче со грав, толку беше занесно што н`е понесе и нас. Полека-лека си легнавме на клупите, си ги испруживме ножулињата од клупа до клупа. Сонот како кивавица се ширеше. Набргу сета училница предеше, во воздухот се слушаа секакви звуци, хорови, музики. Проклет да бидам, тоа ти беше оркестар, опера. Мирно си пловевме по добродушната планета Марс, ги освојувавме небото и сета природа.

Но тоа беше час по географија, природно. Ела на татенцето така да му заспиеш, на часот по карактеристика. Враг беше стариот, а и часовите тој умееше да ги направи богати, со содржина, многу интересни. Како тој знаеше да подбуцнува, да направи некоја сплетка! Проклет да бидам, потоа со векови ја отплеткувавме. Татенцето така мајсторски ќе ја извезеше сета работа, се колнам, потоа и самиот ѓавол беше втеран в шише. Најпосле, во тоа се криеше и самата смисла на предметот, се настојуваше што позамрсено да се изнесуваат работите, понејасно. Проклет да бидам, сплеткано. Никогаш човек не знаеше што и за кого се однесува случајот. Кој беше арамијата, а кој чесниот, кој грабеше, а кој чуваше? Ајде сега расплеткувајте, пронајдете ги главните лица, кои се, колку ги има, каде се и како се поврзале со нечесното дело. Проклет да бидам, вие можете со векови да мозгате и пак да останете на истото место, ни чекор напред. Се колнам, во најголемиот број примери тоа да ти биде истиот, тој што грабнал и тој што чувал. Проклет да бидам, истиот. Но дали е тој виновен, беше следното прашање на кое застануваме како пред ѕид.

— Да се растресе сиот негов живот, — ќе речеше татенцето и почнуваше да раскажува. Од под пазува му паѓаа ордени. — Што мислите сега, другарчиња, дали е виновен, — татенцето директно го поставуваше прашањето. Потоа ние редум, секој по своето знаење одговаравме.

— Да, бил виновен, таквиот човек со ордени.

— Не, не бил виновен, имал такви заслуги. Лесно е да плукнеш на човека. Тој се борел.

— Да, тие што се бореле се чесни.

— Се колнам, да!

— Не! — некое улаво детенце се спротивставува. — Не, — вели и не попушта, — ако сакате откорнете му го и јазичето, тоа пак ќе рече. — Не!

— Да!

— Не!

— Да!

— Не!

— Колку да?

— Колку не?

— Десет, петнаесет, дваесет — не.

Гледано по одговорите — тој човек излегуваше виновен. Татенцето незадоволно ја нишаше главата, воопшто беше незадоволен. — Главата како да ви е полна со песок, — велеше, — ништо не ви останува во неа, па потоа си го засукуваше мустаќот и неуморно почнуваше отпрвин. Но тоа беше само во пчетокот, потоа и каменот и дрвото ќе ја сфатеа вистината. Проклет да бидам, вистина. Подоцнежните одговори беа јасни, чисти. Мораме да признаеме, околу објаснувањето на сите тие прашања татенцето доста н`е испоти. — Треба уште, деноноќно да се работи, — велеше незадоволен сумирајќи ги резултатите. Ќе земеше воздух и почнуваше од самиот почеток. Нови примери истакнуваше, искажуваше, по втор, по трет, по тринаесетти пат ни ја изнесуваше биографијата на заблудениот другар, тој бил ангел, ние сме живееле во голема заблуда, слепци. Подобро на човека да му се поткасне јазикот отколу да живее во заблуда.

— Што мислите сега, пилчиња, — на крајот прашаше татенцето, — виновник ли е оној другар што грабел?

Првиот — н`е, тој што грабел не е никаков виновник.

Вториот — не, не е внновник, напротив, тој е чесен човек, мислам. (Проклет да бидам, малиот ѓавол мисли.)

Третиот — не, не!

Четвртиот — не, неговиот лик на борец, градител…

Петтиот — не, не, не…

Шестиот,

седмиот,

осмиот,

осумнаесеттиот,

сите — не, одговаравме во хор.

Како сега да ми е пред очи среќното, насмеано лице на татенцето. Сполај ти, господе, тој беше среќен, зошто, како, никогаш тоа не го разбрав. Важно беше едно:

— Сите не! Тоа е вистината, соколи, толку убаво сега сте навлегле во содржината, во идејата, — заклучуваше победоносно, гордо.

Можеби ќе беше подобро човек да можеше за с`е така да одговара. Не и точка. Проклет да бидам, не. Ѓавол да го носи срцето, тоа не разбираше секогаш, не беше послушно срцето, не можеше секогаш така да одговара. Тешко нему, тогаш с`е почнуваше од почеток, нека пукне срцето кога е улаво. Немаше веќе крај на сета таа работа, се колнам.

Сите тие часови со сета своја бесмисленост, со сета своја глупост, како отров дејствуваа врз нашите детски срца. Ние умиравме за една друга љубов, за еден друг збор, толку денови, ноќи, векови го баравме тој извор, а ваму со брливи работи ни ги полнеа главите. И колку тоа да беше смешно и невозможно и туѓо, набргу за голем дел од децата стана вистина. Најстрашното беше што ние почнавме да веруваме во таквите бесмислици. Проклет да бидам, бесмислица. А веднаш до нас беше една заборавена, спржена вода станавме глуви за гласот на Големата вода. Се колнам, го изгубивме патот кон Сентерлевиот рид. Проклет да бидам, векови живеевме со тие слепи нешта, темни. Мал беше бројот на оние деца што веруваа дека и луѓето што немаат карактеристика значат нешто; можеби и тие, ете, толку многу страдаат, исто толку љубат, исто толку се наши пријатели. Мајко моја, луѓето што немаат карактеристика или што им беше бележана беа наши непријатели. Проклет да бидам, непријатели. Во домот за еден од тие неранимајковци се броеше и Кејтеновиот син. Тој дојде без карактеристика, потоа и без неа си појде.

— Ништо, — велеше татенцето, — ние ќе ти створиме карактеристика, Кејтен! Магаре едно, мрзливец, за ништо неспособен, што, што си направил, бадијала го јадеш лебот, бездарник, — со најнавредливи зборови го удираше секој час, просто го газеше. Речиси немаше час да не го дигне од местото, да не го распрашува, да го тормози на секаков начин. С`е знаеше, татенцето го имаше земено на нишан и во овој случај ништо не можеше да му се приговори, проклет да бидам, сакаше да направи човек од Кејтеновиот син. Овој, пак, одговараше секогаш исто, со досада, се преѕеваше, најкратко што може, со половина збор, се служеше со кратеници, што потоа мораа да се толкуваат, намерно лошо, незаинтересирано. Понекогаш беше и пакосен и зол кон татенцето, се потсмеваше.

— Не разбирам, — говореше, — другар Аритон Јаковлески, — говореше, — не разбирам како таков човек може да си дозволи, Аритоне Јаковлески, а ако веќе ја пуштил раката…

— Тоа е пример, глупче!

Господе, како не можеше да го разбере тоа, сите се чудевме. Тогаш дури и јас го замразував, ми беше далечен, туѓ. Непријател, проклет да бидам, Кејтеновиот син ми беше непријател.

Во тие часови тој беше сосема сам, напуштен од сите. Човек без карактеристика, измачен од ужас. Од сите страни го удираа непријателски погледи, презир, злоба. Тој мораше сето тоа молчејќи, во себе да го поднесува. Мораше по стопати да стои на час во аголот, одделен, по казна. Не верувам нешто повеќе да го доболе во домот од тоа понижување што требаше да го поднесува на секој час по карактеристика.

Оној час кога заспа — чашата беше преполна. Конечно, сите бевме против него, немаше ни едно единствено срце на негова страна. Проклет да бидам, виде. Првпат, покорно, послушно ја наведна главата, како да не беше тој Кејтеновиот син. Проклет да бидам, какви луѓе требаше да израснеме ние, за какви луѓе н`е подготвуваа со огламник приврзани за карактеристиките, тоа еден господ го знаеше.

Потоа часот по карактеристика веќе изгуби дел од својата сила и неприкосновеност.

Борбата за нови карактеристики беше уште пожестока, помачна. Проклет да бидам, добивме толку многу карактеристики убивајќи толку многу човечко, летавме на пароли, стрелајќи во птиците. Неочекувано во сета таа игра се вмеша и Кејтеновиот син. Проклет да бидам, Кејтеновиот син карактеристика. Татенцето беше восхитено од Кејтеновото однесување, со право си припишуваше најголема заслуга. Не еднаш задоволно ќе ја нишнеше главата гледајќи во преродениот син, ќе речеше: — Така, соколе, да ми те видам во општиот строј! — Кејтеновиот син дури доживеа и пофалба, беше истакнат, се колнам, ликуваше.

Што се случува со него, што смислил, ме мачеше и дење и ноќе оваа мисла, никако не можеше да се дознае што им подготвува. Проклет да бидам, ако тој мируваше, ако беше стопен во општиот строј. Садеше тој некакви краставици за управата со поинакво семе, но тоа беше тешко да се открие.

Каде отиде Кејтеновиот син, мојот пријател, не еднаш потоа го барав. Се вратив на секое катче каде што можев да го најдам, но тој се губеше како с`е што почна да се губи на земјата. Повторно почнав со часови да го испитувам секој дел на ѕидиштето, тоа студенило што се всели во Кејтеновиот син и моето срце. Ја прислушкував Големата вода, го чекав нејзиниот глас.

С`е во домот како да беше мртво. Дури и во катчето за лов беше мртво. Никој веќе со никого не тргуваше, никој во никого не веруваше, ѕидот беше повисок отсекогаш. Проклет да бидам, с`е беше заградено со ѕид. Никој не знаеше каде отиде пријателството, погледите, човечката убавина, добрината, Големата вода, сонот, желбите. Сентерлевиот рид, птиците, сонцето, какво е ова време без ветар, без дожд, што не зашумат светлите води на пролетта, какво е ова суво, јалово време, овој голем снег што ни ги затвори патиштата, оваа темница низ која миневме како сенки, непознати, оваа отровна прав во очите, каде отиде таа златна светлост од окото на Кејтеновиот син, каква е оваа лага што н`е покорува, што н`е разделува? Тој се однесуваше како воопшто да не ме забележува, како воопшто да не го забележува ѕидот и с`е она што н`е опкружуваше во домот. Се преправаше како вистински да се препородил, како вистински да се нашол во рајот. Проклет да бидам, рај. На сиот глас можев да чујам како се дуе пред момчињата изигрувајќи среќен човек.

Јас знаев, се колнам, сите тие бесмислици тој не ги зборува напразно, тоа беше негова голема игра, најголема и не ми се допаѓаше. Се плашев за секој иден ден, треска ме тресеше од таквото однесување на големото препородено момчиште; јас со сигурност можев да претпоставам дека тој ѓаволски се преправа спремајќи се за иднината. Но каква можеше да биде неговата иднина, нашата иднина? Едно беше јасно, јасно како пролетно сонце, тоа со сигурност би била и последната казна за Кејтеновиот син. Би можеле да го убијат како мува, ме погоди таа мисла и јас занемев во часот. Господе боже, би можеле дури и самите деца да го убијат, за одмазда. Та колку тие се измачија борејќи се со него во с`е за да не изостанат! Се колнам, беше подобар и од оние со најдобри карактеристики, душата им ја извади. Да, тие би можеле да го убијат, ми светна, сигурно тие ќе го убијат. Во тоа тие беа повешти од него, мразници ми полазија по жилите, го изгубив сиот мир, сиот сон.

Методија Гришкоски и другите никогаш нема да му ја заборават претставата со ранетиот партизан, изведена по истоимената драма. Проклет да бидам, драма. Кејтен претставуваше партизан, заробеник, ранет борец, а Методија Гришкоски фашист, стражар на затвор. Методија Гришкоски, кој во с`е дотогаш беше прв и со најласкава карактеристика во друг случај да го убиеше не би прифатил таква улога, но сега тој се согласи од подла, гнасна побуда. Имаше тепање, улогата му даваше шанса пред сите на мртво да го претепа ранетиот партизан, Кејтеновиот син. Будалиштето уште пред тоа се остреше, се фалеше дека ќе му пушти масло на Кејтеновиот син. Немаше зошто да не му веруваме на кучето. Зар Кејтен ќе седи со скрстени раце, подбуцнуваа дури и тоа на драмата `и даваше особен уметнички интерес. Проклет да бидам, уметнички. Сите чекавме, сите бевме во треска, колку што се наближуваше денот — толку бевме понеспокојни. Оној фалбаџијата Методија Гришкоски, тој најголем подлизурко, најпосле на повеќето им беше дојден до нос. Проклет да бидам, тоа беше драма на живот и срмт. Колку ранети несреќни го очекуваа расплетот, се колнам, тој ден некој мораше да умре.

Претставата почна доста свечено, со молк. Во полутемница, на мало, бледо светло. Пред затворот фашистички војник. Чекори. Тешки, убивствени чекори. Од затворот, одвреме навреме, доаѓа слабо, но храбро пеење на ранетиот партизан. Пеењето е с`е погласно, светлото с`е поголемо. Тоа с`е повеќе му ги боде очите на фашистичкиот стражар. Се нервира, тупа со чизмите, вели:

— Ше престанеш бе, мрснику, или не!?

Ранетиот партизан со песна му одговара:

— Сакате ме колете, сакате ме бесете, јас не престанувам и во гробот ќе се борам, да си знаеш! Ќе пеам, — му одговара мошне храбро.

— Ше пееш, ше пееш, — му прсна на Методија Гришкоски, го извлече од ќелијата и на најмизерен начин почна да го гази ранетиот партизан. Бездушно со штикот почна да му ја дупи главата, рацете, нозете, да му ги вади очите. Другарката Оливера Срезоска одговорна за претставата, од зад завесата тојчас плисна една кофа крв, растопена црвена земја, и по целата сцена потекоа потоци од ранетиот паризан. Но тој, мажот, пак запеа, проклет да бидам, сиот во крв запеа. Се колнам, ни ги запали срцата. Пееше:

— Ој, фашисти, проклетисти!

Тоа беше врв! Тогаш глупавиот Методија со тешката чизма му згази на вратот и му рече:

— Абе оште ше пееш, ше те обесам! — и ни пет ни шест, зеде едно јаже и го фрли на таванот. Проклет да бидам, ќе го обеси. Почна главата да му ја става во бесилката. О, боже, што с`е мораше да претрга кутриот Кејтен! Сега веќе немаше каде, јажето му беше околу врат.

— Не! Не! — избезумено викна некое од децата.

— Не, не! — излудеа сите деца.

— Проклет фашист!

— Бездушник!

— Крвопиец! — отсекаде летаа најлути протести, дрва и камења паѓаа врз главата на Методија Гришкоски. Сите од ред станавме од местата со стиснати тупаници. Проклет да бидам, со стиснати тупаници.

Во полната чаша Кејтен ја дотури и последната капка. Ги ококорави очите, се свисна, о ѓаволскиот артист, ги подаде кон нас крвавите раце и тихо, тихо, болно рече:

— Другари умирам, — Да живее слатката слобода. Да живее Револуцијата. Долу тиранијата, смрт на фашистите!

О, боже, тој тоа така го рече што ние моравме да му веруваме, излудевме. Беше артист, партизан, беше ранет, умираше. Се колнам, занемевме сите кога од своето место, на предната клупа, како изгорен со револвер в рака скокна татенцето, кога како најлудо птичиште крикна:

— Проклето фашистичко куче, псето, нема да бесиш, — го напери полниот револвер право во несреќното момче Методија Гришкоски.

За среќа Метеорот тојчас се покажа многу присебен и храбар, нека им е лесна земјата на тие чудни, незабележани херои, згазени човечиња, секогаш настрана, фрлени, — се колнам, среде огнот се исправи и го зграпчи во своите прегратки Методија Гришкоски. Божем го задавува му рече: — Умирај, будалче, ако ти е мил животот! — Мораш да умреш, фашисту, — тоа малку го смири татенцето. Рече:

— Сигурно, тоа ќе биде најправедната казна. Како можеш со тоа анџариште да го бодеш, проклетнику низаеден! Џигерите, златното срце да му го вадиш, милите очи, кожинката да му ја дереш!

— Убиец! — одекна во големата, северна соба.

— Па тоа не е никаков штик, татенце, тоа е метла, кујнската метла, — кутриот Методија Гришкоски се обиде да се одбрани.

— Молк, — умно му рече Метеорот, — самиот си виновен! Претера, глупаво момче.

— Фашист!

— Смрт!

— Ти убиваш, колеш, бесиш!

— Смрт!

Сите негови карактеристики тојчас паднаа во вода. Проклет да бидам, во вода. Сигурно тој тоа никогаш нема да му го заборави. Во болка, раскрвавен, како рането ѕвере, секој ден ’ржеше, на секое место во домот го демнеше Кејтеновиот син, се спремаше за најстрашна одмазда. Проклет да бидам, токму тоа — одмазда.

Секоја ноќ ја дочекував крај ѕидот. Понекогаш и откога ќе си легнеа децата, се искрадував и како сенка, како ошумоглавено живинче лунѕав крај ѕидот. Дури доцна во ноќта се прибирав, одвај. Со тешки нозе како да се враќав од управата, како прекршен се влечкав низ скалите. Проклет да бидам, низ темните, дотраени скали на домот. До третиот кат, во северниот дел, до проклетата спална. Како, можеле да измислат вакви кривулести, високи, темни скали за немоќни луѓе и слаби деца, првпат на глас сакав да рикнам. Кејтенов сине, сакав да викам, Кејтен пријателе, сакав да го пробудам бегај од домот тие ќе те убијат!

Кејтеновиот син, како да го чул мојот задушен глас, ме чекаше на една од горните скали.

— Пју, — ми направи како птица, ме исплаши и почна на глас, на негов начин да се смее.

— Бегај, — му реков, — оди, оди од домов!

— О, Леме, малечок Леме! — рече. — Зошто не се прибираш, зошто не спиеш, Леме?

— Да спијам, — реков, — како да спијам, пријателе?

— Стегни ги забите Леме и сонувај, рече с`е така смеејќи се, не можејќи да не се смее и, како секогаш, почна муцката да си ја трие со рацете, да се премислува, да се одделува со мислите, да патува…

Како поткосени, како некој во корен да н`е пресекол, се струполивме на скалите. Веќе беше доцна ноќ и домот тонеше во онаа позната глувост, — се чинеше, смртта тука одамна е гостин и дека тука се изгубил и последниот зрак на живот. Сите ние сме мртви, сенки.

Не си спомнувам дали потоа цел еден век си рековме каков било збор. Молчевме како занемени, опфатени од струјата на Големата вода, Големата вода како далечно ехо, како во сон, чудесна пак се јави. Проклет да бидам, доаѓаше. Се колнам ништо немаше изменето во неговото срце, тоа беше истото, Кејтенско. Тука беа и пријателството и љубовта и, другарството, и погледот на пријателот и смеата, неговата смеа, желбите и вербата во Големата вода, вистината за Сентерлевиот рид. Проклет да бидам, постоел тој рид, тој рид со сонце, со златни магли, со вечни магли. Добриот сон пак се јавуваше, желбата за слобода и Сентерлевиот рид ништо не можеше да ја уништи во нашите малечки срца. Во нив имаше многу љубов, пријателе. Проклет да бидам, љубов. Насекаде наоколу беше Големата вода, се колнам, тоа беше единственото што ни остана од животот во домот. Што можевме поголемо, поубаво нешто да имаме?

Загрузка...