Домскиот ред и татенцето Аритон Јаковлески

Нашиот строј, сигурно, нашиот строј беше нешто најсвето. На едната страна можеа да се видат новодојдените, а на другата постарите. Иако едни на други си личеа како родени браќа, уште на прв поглед можеа да се одделат првите од вторите. Постарите веќе имаа научено, знаеја дека во стројот треба да се гледа право во челото на татенцето, другарот Аритон Јаковлески. Точно во челото, проклет да бидам. Новодојдените с`е уште си ја дозволуваа таа слобода да се свртат лево или десно, да погледнат во малото, високо небо над домот или само така бесцелно со погледот часови да лунѕаат по шарениот ѕид. Тешко на тие што забораваа на редот, тешко на тие што не знаеја да стојат во стројот. Да можеше човек уште од првиот час да се привикне на такво нешто: едноставно требаше да се биде само малку глуп и лицемерен, тогаш сигурно полесно ќе дојдеше до подобра карактеристика и с`е што следуваше со тоа парче хартија. Хартија глава, крв. Живот. Само да ги видевте тие што имаа најдобра карактеристика! Проклет да бидам, тие кога ќе беа редари, дежурни, немаше тогаш пострашно место од домот. О, боже, како се убиваа пред управата, пред воспитувачите, како бесрамно лажеа, како подло измислуваа, поткажуваа. Тоа чинам најмногу н`е гонеше од тоа место, тоа предавство. Тоа не можеше повеќе да го гледа Кејтеновиот син, рече, јас морам да бегам. Проклет да бидам, го рече тој збор.

Тоа беше уште на првиот чекор. Првиот строј. Но, ние с`е уште бевме деца и од с`е најмногу сакавме да гледаме таму каде што ни беше забрането. Меѓутоа, човек на с`е навикнува. Проклет да бидам, човек с`е издржува. Татенцето не еднаш ќе речеше: — Кога мечка научува да игра, што останува за разумно суштество. Тоа беше сето воспитание, се колнам. Ништожност, дури и безумник би сфатил, доволно беа само неколку десни и неколку леви „мисли“ на татенцето и работата веќе беше сосема јасна. Ти светнуваше пред очи, како бел ден. Впрочем, набргу тоа се покажа и на дело. За малку време с`е што стрчеше беше скастрено, немаше никакви неуредности во стројот. Бргу-бргу редот с`е сфати. Не бевме сигурно толку чукнати, проклет да бидам, чукнати.

Од овој двор толку беше далеку Големата вода. Господе, во почетокот уште верувавме во господ, — господе, толку беше далеку животот од ова место. Насекаде наоколу беше ѕидот и тој силен, смртоносен ѕвон на камбанчето. Проклет да бидам, стројот. Како во сон доаѓаше гласот на Големата вода. Таа беше од другата страна на ѕидот, огромна, слободна. Пред нашите очи беше само ѕидот. Црн. На илјадници места подгорен, проклет да бидам, некои кутри во момент на краен очај сигурно се обиделе да го запалат. Побргу тие беа за жалење отколку за потсмев. Но по еден таков обид подолго никому не му паѓаше на памет за слични работи. Набргу децата и предметите во домот речиси во с`е беа изедначени, тешко беше да се одделат едни од други.

Тоа утро на највпечатлив начин се запознавме со управителот на домот, другарот Аритон Јаковлески. Во домот можеше да се сретне секаков свет. Имаше секакви, какви што ги дал господ. И паметни и улави, зли и благородни, од сите сорти. Домот со своите жители личеше на гнездо од кукавица. Како и секаде, така и овде се среќаваа особени и чудни природи за кои никогаш и ништо докрај со некаква сигурност не може да се претпостави. Тука и фантазијата многу-многу не помага, таквите луѓе, дали од природна тапост, дали од голема препреденост и расипништво, умеат мошне вешто да се прикриваат од својата средина. Наизглед ништо, ништо неодгатливо во животот на Аритон Јаковлески, чините, ништо, живот, прав, обичен човек, живот на секој смртник. Но за оној што веќе ја запознал природата на Аритон Јаковлески — тоа беа сложени, тешки испитувања на совеста. Тој долго време не дозволуваше никакво доближување до неговото срце, што се вели, сиот околнаоколу беше заграден со бодликава, боцкава жица. Таа душа како да беше во вечен, во страшен логор. Проклет да бидам, можете да ги наброите сите факти од неговиот беден живот, не, се колнам, тука не ќе ја најдете вистината. Таа ви се искрила како светлина во водата, попусто ќе бидат сите обиди ако посакате не повеќе, туку барем еден миг да ја имате во дланка заедно со водата. Тешко некој од длабоката вода да извадил светлост. Или пак, просто, таа се искрила во дробната песок и ајде сега одделете ја од песокчињата, соберете ја, најдете ја, пријателе. Проклет да бидам, колку неблагодарна работа, а за маката и да не прикажуваме, камче по камче да се превртува додека се најде тоа местенце каде како самиот ѓавол во некое шупличне се искрила проклетата вистина. И што од тоа, пријателе, та него веќе го нема, на неговото место зјапа црна јама гроб. Проклет да бидам, потонал некаде човекот невидено се загубил.

Јас заради вистината, проклет да бидам, заради вистината, — ќе почнам од почетокот како што е по ред, како што господ го создал нашиот убав свет. Со ред ќе раскажам с`е знајно и незнајно за Аритон Јаковлески. Да, само за еден дел од неговиот живот, за оној што јас го познавав, и тоа не го велам без причина, — претпоставувам дека тој отсекогаш не бил толку сам, толку проклето сам, каков што го запознавме во домот. Аритон Јаковлески сигурно пред тоа имал своја куќа, свои блиски, можеби и деца, синови и ќерки, можеби бил многу среќен татко, човек. Примерен, благороден татко, се колнам, би можело да се рече дека тој не беше толку штура природа, така скроена од своето раѓање. Можеби Аритон Јаковлески (господе, ако тоа беше неговото вистинско име, војната с`е менува кај човека), — можеби тој некогаш мечтаел, се надевал, можеби љубел! Зар тоа, на крајот, не го уништи, проклет да бидам, таа љубов. Скот да бидам, јас едно време и богу и пред луѓето најлудо се молев, и денеска тоа го правам, — кога му се суди на еден човек колку е тоа можно слепо да не се гледа само на еден дел од неговиот живот, за што можеби тој самиог не сноси никаква вина.

Се говореше дека бил специјално одреден во домот, со задача згрижување на децата од војната. Се говореше тоа било негово лично барање. Проклет да бидам, од љубов. Колку што можевме да дознаеме; Аритон Јаковлески до последниот час, и покрај сета мрачност и мраз во душата, сепак тој, човечецот, си умел поубав крај, дури се надеваше, имаше такви часови кога страсно веруваше во своето дело, значи — тој имаше некаква подлабока надеж. Можеби во такви часови Аритон Јаковлески веруваше дека ќе наплати за с`е изгубено во животот. Кутриот човек! А оти животот кон него не беше многу-многу наклонет, се разбира, тоа не требаше да се испитува, белезите на еден сигурно суров и несреќен живот му беа видливи како на лице драсканица од анџар. Во што можеше да има таква надеж? Што сон го мамеше, што вода плискаше во неговата цврсто зделкана машка глава? Во домот сето време му мина самотно, чинам, тој сам се делеше; освен службените должности, за него не постоеше ништо друго што би го сврзало со луѓето од домот. Иако ги поднесуваше воспитувачите, нив не ги сакаше. Единствен негов пријател и другар, се чини, беше силното и мошне верно куче Андруша. Не можеше да се рече дека по волја ги здружил животот, очевидно голема борба, големи спомени беа посреди во тоа пријателство на Аритон Јаковлески и песот. (Пес со човек лесно не се врзува). Проклет да бидам, во сето тоа имаше нешто трогателно, нежно, необјасниво. Тој човек и тоа куче, некоја проклета заедничка судбина. На пример, сите во домот знаеја дека нешто лошо ќе се случи со Аритон Јаковлески, некои можеби го знаеја токму и часот на несреќата, а можеби знаеја и некои други подробности, за местото и начинот на кои ќе си го одземе животот, но никој не наоѓаше за потребно ниту со мало прсте да помрдне. Не оти во домот, да речеш, и покрај неговиот особен, чуден, строг однос, некој сосема да не го прижалуваше, на крајот, се работеше за човечки живот, каков бил — бил човек. Проклет да бидам, беспомошно изгледаше с`е, секаков збор, секаква утеха. Таквите сигурно поспокојно, полесно ќе ги преживеат уште тие неколку преостанати мигови од животот ако никој отстрана не се замеша, ако воопшто се остават на самите себеси, на својот мир. Ќе проанализира с`е и потоа завршува, безмилосно си пресудува, умира со некакво душевно олеснување, свесен е, се казнува, рисјанска му е душата, покајничка. Мисли с`е спасил, ги измил рацете, израмнето е с`е, сега доста, збогум животу! И ако случајно нешто го натерало да се премисли, не можел веќе назад, веќе сите знаеја, сите ја чекаа таа смрт. Тажно, пријателе, тажно кога ти с`е уште си жив а некој те испишал. Проклет да бидам, потоа веќе нема живот за човека, не постои никаков начин, тој мора да умре.

Татенцето беше вистински ѓавол. С`е уште одеше во војничка униформа, со титовка и црвена петокрака. Го викаа стариот партизан. Боже, каков беше силен, горд во тоа време! Ќе сакате ли и натаму да ви го опишувам? Прекрасно, мислам на една работа повеќе да обратите внимание ако случајно некогаш се чешнете со нашето татенце, другарот Аритон Јаковлески. Понекогаш се правеше прислеп, одеше како ќорав иако гледаше како сокол. Не се случи ниеднаш да замавне напразно. Татенцето беше редок во тој поглед, мислеше со рацете. И со десната и со левата, но тој можеше да биде и помисловен, не еднаш се случуваше со двете одеднаш да проработи. Се разбира, тоа при особени случаи, кога беше расположен за шеги. Со еден збор, татенцето беше од оној вид многу полезни граѓани кои во себе немаат ништо негативно. Ќе ја зборуваме ли вистината, татенцето личеше на оние луѓе кои еднаш засекогаш си ставиле точка на својот живот како на некоја обична работа и ела да им ја избришеш таа филозофија од нивните глави. Ќе го одвикнеш ли пијаницата — и тој е готов, се свиткува. Слична работа беше и со Аритон Јаковлески. Ќе отстапи ли, да не даде господ, од своите позитивни стремежи (така љубеше да се изразува), — и тој веќе не беше здрав. Сета сила како да му се наоѓаше во сите тие глупави задачи. Проклет да бидам, задачи. Од ден на ден, како што ги губеше нив, ја губеше и силата. Но такво нешто, барем во почетокот, не си дозволи другарот Аритон Јаковлески. Тој си ја знаеше работата, совршено добро газеше по својот пат. Имаше цврст чекор, војнички. (Проклет да бидам, војната човека го менува во с`е, во с`е.) И сега како да го гледам, еве, срцето длабоко го чувствува, о боже, како с`е уште да сум во домот. Проклет да бидам, јас го гледам него, го помнам секое негово движење. Ќе си ги стави рацете одзади, можеби тоа беа часови на размислување, ќе ја фрли главата колку може повисоко (ретко некогаш се веднеше кон земјата), — и туку кружи наоколу во дворот како орел што слетал ниско, над земја демнејќи го својот плен. Речиси во с`е беше едноставен, а кога ќе запееше некоја борбена песна, тогаш стануваше чудесен. С`е како под команда занемуваше во дворот. Проклет да бидам, песна.

Утрото измачено и болно висеше слично на откинатата половина на домското дрво. Утрото се прпелкаше во острите срчи на ѕидот. Што стана со пролетта, со сонцето, со небото, со птиците, што се случи со преселувањето на предметите, со дождовите, што се случи со Големата вода? Сите деца стоеја како кипови. Замрзнати. Се чинеше нешто лошо се случило во домот. Никој не знаеше кое е тоа утро, проклет да бидам, навистина што се случило со Големата вода. Никој не погледна во нас, не се обѕираа. Татенцето направи уште стотина кругови околу дрвото, с`е така терајќи си ја песничката, кога најпосле и тој самиот занеме како камен. О, колку беше тихо, глуво. Вдлабочено почна да гледа од дете на дете, како да бараше крадец. Секое дете од ред го одмеруваше, како да велеше: — Глувци едни, глувци ниедни бандити, повелете погледнете во овие неранимајковци (се задржа крај мене и Кејтен), погледнете и запомнете, научете што е тоа ред, дисциплина. На ваши години живи Германци заробувавме, само слушајте, чесен збор, живи фашисти, запомнете, или ќе бидете луѓе достојни на вашите татковци (нашите татковци веќе ги немаше), — или подобро и вас да ве нема, проклет да бидам и нека н`е нема. Потоа, очигледно не завршувајќи ја смотрата, неочекувано брзо се сврти кон нас и — не давајќи ни барем да зинеме — како со магнет ни ги зеде главите, се разбира мојата и Кејтеновата, и колку што можеше посилно ги тресна една од друга. Кутрите глави како светнаа! Стариот, се виде, во таа работа имаше извежбано с`е до поединости. Глава од глава. Свртувајќи се кон Кејтеновиот син, му рече:

— Кој си ти, ѓаволе? — и, не чекајќи одговор, му свирна една преку уши. Мислеше со десната рака. — Кој? — повтори божем не чул и истовремено му ја залепи левата. Татенцето удираше толку духовито што мораше секого и секогаш да го изненади. Проклет да бидам, удираше како гром од ведро небо.

Кејтеновиот син Исак Кејтен, како ништо да не се случило, како воопшто да не добил две жестоки шлаканици, сосема мирно му одговори на татенцето:

— Јас сум Кејтеновиот син, — рече, — Исак Кејтен.

— Кејтеновиот син, — повтори татенцето многу заинтересирано и прописно му приши трета. — Присети се уште, — му рече, — да не си заборавил нешто, Кејтенов сине, проклет да бидам, рече, да не си заборавил како се викаш. — Така рече татенцето и полека, божем пребројува стари прачки за фишеци, се сврти кон мене. Ох, семоќниот, другарот Аритон Јаковлески, се изгубив во неговата сенка. Цел еден век како врази се меркавме, татенцето беше љубител на малечка предигра. Татенцето одгоре ме мерка, ми намига, јас од земја му праќам исто така понекој пламенен поглед, мислам ќе се сожали. Ме гледа и како со умилен глас да ми вели: — Убаво ли е, сине, ми ти се допаѓа ли домчево, кажи што не ми ти достига, татенцето с`е ќе стори за моето соколче, — чинам така ми вели татенцето и јас се поблиску приоѓам кон него, божем ќе му се фрлам во прегратките, ќе го гушнам како роден татко, а тоа од страв му се доближувам да не ме запне од подалеку, да не ми го скине главчето, та без главче да останам. Проклет да бидам, стравот на што не ќе го натера човека. — Добро си е домчево, татенце, природно е, — му одговарам во мислите.

— А кој си ти, врагу? — се пресече треснувајќи ме по нос. Не видов кога протегнал рака.

— Лем, — му реков, — оставајќи крвта да ми тече под брадата надолу, низ вратот во градите. — Лем се викам, — реков, внук на Иле Костадиноски.

Оставив крвта господски да ми тече. Проклет да бидам кога го спомнав името на вујко ми Иле Костадиноски, јас мислев оти сум рекол голема работа, с`е! Крвта малку ме поразлади, целото тело ми гореше. Со радост си спомнав за вујко Иле, се колнам, мислев, ех, каков вујко имам јас, добриот вујко Иле Костадиноски.

Татенцето сигурно не очекуваше ваков одговор, колку отпосле разбравме лудост бил секаков одговор, татенцето не претпочиташе неговите потчинети да имаат свој одговор. Проклет да бидам, никаков одговор. Не давајќи ми веќе да зинам, колку што можеше посилно со своето тешко касапско рачиште ме кутна наземи, во новата прав на пролетта што како пламен никнеше од земјата. Потоа повторно се врати кај Кејтеновиот син.

— Знае ли некој за овој предавник? — татенцето ги праша другите деца.

Се разбира, никој ништо не изусти. Никој не крена глава. Кејтеновиот син стоеше сам, далечен, како некој бран, токму така како некој откинат бран, некој бран пустиник, како некој слободен и непокорлив бран стоеше среде домската пустош. Јас пак ја гледав Големата вода, го слушав нејзиниот глас, летав над нејзиното огромно пространство. Нестварни беа слабите гласови на децата, тие го молеа Кејтеновиот син да падне.

— Будала, — му довикнуваа некои од постарите домци, — будала, падни! Додека не те види наземи нема да те остави, може да те убие.

Кејтеновиот син не слушаше, тој веќе беше на еден од своите далечни патишта, неговите тенки усти заиграа како штотуку првната пеперутка, чиниш пеперутка му застанала на усните, очите му беа полни со светлост, тој беше далеку, патуваше.

— Не прави се важен, — му довикна оној глас, — нема кој не паднал.

Кејтеновиот син ја нишна главата кон земјата, а штом тоа ќе го правеше, тогаш беше попусто да го разубедува човек. Не може да падне во правта гледајќи ме мене во неа. — Биди човек, Кејтенов сине, — го молев, — издржи, не паѓај! Тој повторно ја испушти онаа насмевка од очите, ме прегрна со две намигнувања.

— Ти се смееш, — вчудовиден му рече Аритон Јаковлески, — ти се смееш, ѓаволе!

Но сега Кејтеновиот син ништо не одговори. И не падна, се колнам не падна. Се наведна дури подоцна за да ме дигне од земјата.

— Стани малечок, — рече, — стани силен Леме, пристигнавме! (Проклет да бидам, пристигнавме, с`е уште ми беше темница в очи, како давеник се држев за Кејтеновиот син.) Оставив да ме носи.

Од тој ден Кејтеновиот син беше личност во домот. А таков, најблаго речено, не беше пожелен во тоа време. Во домот никој не смееше да има своја волја, свои мисли. Колку побргу тоа ќе се разбереше, толку страдањата беа помали, успехот подобар. Карактеристиката одлична. Проклет да бидам, карактеристиката беше најважна. Таа човека го правеше човек, или разбојник, точно така, разбојник.

На крајот ни беше изречена чудната казна. За неодредено време ние бевме одделени еден од друг, не смеевме да бидеме заедно на ниедно место во домот. Исто така, на сите им се забрануваше излегување крај Големата вода. Потешка казна, се разбира, не можеше да смислат. Проклет да бидам, тоа беше најтешко со што можеа да н`е казнат. Бев одделен од Кејтеновиот син, а сега ни ги забранија и сите соништа за Големата вода. Знаеше татенцето, ако сакате некого да казните, ако сакате прописно да го казните, за целиот живот, тогаш разделете го од она што му е најмило. Искорнете му го тоа што му е во срцето, осакатете го, ослепете го, за да не ви избега. Неразбирливо, како можеше нешто да се уништи ако е тоа во срцето на човекот. Знам, знам уште еден век ќе мине во заблуда додека не го разбереме гласот на Големата вода. Но јас веќе гледам како се растураат замрзнатите строеви, колони неслободни луѓе под една команда, под еден ред, под едно ѕвоно, слушајте, таа иде, се колнам. Проклет да бидам, пријателе, таа иде.

Колку што деновите одминуваа, јас с`е поцврсто верував во приказната за Сентерлевиот рид. Не може тоа туку така да се измисли цел еден рид, еден огромен рид од каде што се раѓа сонцето. Сигурно тој постоеше и качувањето по овој рид можеше да трае сто векови, целиот живот. Целиот живот и никогаш не ќе знаете до каде сте се искачиле. Проклет да бидам, тој пат. Тоа дури не го знаеше ни другарот Секуле Метеорот, оној маж што предаваше географија и што не дослушуваше кога ќе го прашавме, — ако нема господ на небото, тогаш што може да има? Еднаш дури го прашавме и за тој рид, за Сентерлевиот. Си плукна во очилата за да ја очисти калта, од пазува извади некакво старо тефтерче и се вдлабочи над неговите пожолтени страници. — Не постои сличен рид рече со искрен глас, длабоко издивнувајќи. Сосема добродушно додадено: — Се боревме на Ендриевиот рид, некој Ендриев рид, проклет да бидам. Потоа на Кленоечкиот, таму паднаа доста наши другари, пред самото ослободување, тоа го рече со таков глас што мораше да му се верува. Наредив уште илјада и триста ридишта низ кои минала бригадата, но никако не можеше да си спомни за Сентерлевиот. — Постои, — се јави гласот на мајка Верна Јаковлеска, — постои, мили мои!

Загрузка...