Доаѓањето на Големата вода

Не запомнав друго место каде толку бргу умира детството. Проклет да бидам, ако постои некое друго место каде што толку бездушно се закопува детството. Детството, најубавиот цвет на животот, исчезнуваше како прецутена глуварица. Проклет да бидам, никој не знаеше каде отидоа деновите на детството. За два-три века, колку што бевме во домот, за тоа кратко време, јас чувствував дека сите ние остаревме за многу, многу илјади години. И сето тоа дојде само во еден, единствен ден, најстрашниот, најубавиот ден во домот. Проклет да бидам, само во еден, единствен ден.

Ја живеевме тешката, голема зима на 1949 година. Беше мошорлив, студеникав ден. Дуваше северен ветар носејќи лути, црни снегулки што касаа како штрчни оси. Целиот тој ден како родилка се мачеше времето, пискаше северниот ветар, најлуто ја швркаше земјата, предметите. Чудно е тоа што понекогаш, ете, во еден таков миг и времето `и се друго мораше да биде против вашето срце, точно како во приказните. Префлавме дрва, некакви сурови цепаници само што беа исечени од планината; животворната сок им беше претворена во мраз. Проклет да бидам, за да не спасат од студот, од долгата, од страшната зима. Ветрот како улав навлегуваше во внатрешноста на домот и правеше вистински пустош. Понекогаш, за да можеме да спиеме, за да се затоплиме малку (се плашевме да влеземе во постелчињата), — пред легнување приредувавме големи борачки, што неретко се претвораа во вистински, во крвави тепаници. Децата едно со друго, како ѕвериња се давеа. Човек како ништо можеше да остане и без очи и без рака, понекогаш и без глава. Зборувајќи ја вистината, тој ден не беше толку лош и непријатен. Цел ден со нешто бевме зафатени, што се вели, нешто работевме, бевме растрчани, раздвижени, беше топло. Проклет да бидам, тоа беше среќа. Луѓе мои, работевме. Растоваравме дрвја, ги носевме од едно на друго место, ги сечевме, ги средувавме, правевме секакви мајстории. Однекаде беше донесена и висока, убава печка за нашата соба. Тоа беше весело, проклет да бидам, нешто вистински работевме. Крвта во жилите течеше, тоа веќе беше некакво чувство, најпосле нешто работевме што потсеќаше на животот.

Во пренесувањето на дрвата и општата џагорливост Кејтеновиот син успеа да прикраде едно дрво. Со ова свое недобро дело тој беше мошне задоволен, дури среќен. Проклет да бидам, светеше. Сигурно смислил некаква маѓија, помислив, инаку не верувам дека би се осмелил, осудил на слично нешто. За што друго можеше да му треба тоа дрво ако не за некаква ѓаволштина што му светнала во главата.

— Можел некој да те види, — треперев, можел некој да го види тоа дрво како што го видов јас.

— Не, не, биди си без грижа, малечок, — рече пресреќен, како повторно роден, видов, во очите му беше целото видело од небото, нешто силно, големо имаше во себе, се колнам.

Во домот беше мошне опасно да се фати човек во кражба. Некои одвај чекаа да те видат па бргу — бргу да те поткажат на управата. Предавството цутеше во домот, с`е повеќе и повеќе предавството стануваше примерна карактеристика. Проклет да бидам, предавство карактеристика. Немаше друг збор за сево ова дејност освен гнасотилак. Малите срца ни ги полнеа со гнасотии. Неколку од децата, како Методија Гришкоски, Соколе Ефрутоски, Стојче Иваноски, Мирчески, Ставрески, некојси Каменоски, Огненоски, некоја Слободанка, една се викаше Добрила, потоа Виолета Донеска, — сите тие станаа вистински никаквеци. Потскажувањето им стана дел од животот. За с`е како гладни кучиња душкаа, во с`е и сешто се загледуваа, за с`е имаа свој реферат и право кај татенцето, кај другарката Оливера Срезоска. Често се случуваше некој од тие врази просто да измисли слична игра, да ви постави некоја стапица, да ве фати и така убаво, на самото место, што се вели, да ве предаде. Пишувањето и доставувањето на реферати од ваков карактер особено многу се ценеше, не заборавете, пријателе, — се работеше за живот, за иднината. Од сета администрација ако за нешто се водеше грижа тоа беа карактеристиките и овие реферати. Рефератите ни беа полни со цвеќе, а наоколу никнеа трње. Проклет да бидам, трње. Доставувањето на реферати во секој поглед имаше предност над секоја друга работа. Оној што во тоа беше најагилен, што најмногу се истакнуваше можеше да стане командир на одделение, одговорен на секција, дежурен во кујната, надгледувач, можеше да биде меѓу првите при јадењето (што не беше малку важно), — со еден збор таквите другари во с`е предначеа, беа наградувани, привилегирани. Јас и сега со сигурност не можам да тврдам кој беше тој црвец што толку многу ги подјаде детските срца, — гладот ли, стравот ли, казните ли, секојдневните понижувања, студот ли, можеби оценката за карактеристика, можеби стројот и тој проклет ѕид, а можеби с`е заедно, но од сето тоа едно беше јасно како ден, — потскажувањето, кукавичлакот и злобата почнаа да цутат во домот како ран компир. Секој од секого се вардеше, секој од секого бегаше, се затвораше во себе. Проклет да бидам, се затвораше.

— Ако некој те видел, — го предупредував, — ќе биде страшно. За прикривање, за кражби ја знаеш казната… но тој веќе не ме слушаше, не беше тука, веќе беше отпатуван. Беше попусто да му се говори, видов, немаше збор за неговата преголема среќа…

Сите тие денови, за сите тие лоши, зимски денови, колку да беше времето проклето, сеедно дали дуваше северен, мразен ветар или паѓаше голем, црн снег, јужен, Кејтеновиот син се крадеше од домските простории и сеедно со своето дрво се прикриваше во некоја дупка, во некоја темница. Проклет да бидам, за да може непречено да работи, слободно. Сеедно какво беше времето, сеедно каков беше ветрот и снегот, можеа и илјада бури да зафатат сега — него ништо не можеше да го оддели од неговото дело, тој упорно издржуваше во својата таинствена работа. Иако не знаев што работи, јас знаев дека работи нешто радосно, целото негово суштество беше исполнето со таа блага светлост, се колнам, тој тогаш беше во некој друг свет, незамислив, далеку од домот, далеку од сите тие сплетки и грдости. Очигледно беше на пат кон нешто убаво, магично, единствено. Проклет да бидам, единствено. Треперев за неговото здравје, воопшто за неговиот живот. Проклет да бидам, ако не го видат денеска, ќе го видат утре, задутре, тие се неуморни во тоа, ќе го надушат. А и самиот со секој ден стануваше с`е поневнимателен, с`е позанесен од работата.

— Што работиш, Кејтенов сине? — го прашав еднаш тихо, на увце. Исто така тихо, на увце ми одговори:

— Работам нешто што не се разбира така бргу, — малечко Леме, — нешто што не може да си го замисли твоето умно главче, момче.

Секогаш се враќаше премрзнат во спалната, рацете му беа коткосани, црвени како рак. Но беше среќен, не му студеше, проклет да бидам, тоа што го работеше како да му беше оправдание за сиот студ што го изел. Со ухање си ги затоплуваше, што оти од болка сами му прскаа очите. Тој се смееше, проклет да бидам, се смееше. Што можеше тоа да биде, со часови премислував. Кејтеновата тајна секој ден с`е повеќе ја распалуваше љубопитноста на мојата млада и неопитна душа, што можело толку многу да го излуди? Потоа, секогаш кога ќе си спомнев точно на овие денови, сфатив, има толку многу нешта што брзо не се разбираат, не се даваат со голо око, толку прекрасни нешта скриени се таат во предметите околу нас, чекаат на нас, а ние слепо газиме на нив, ги ништиме тие мали, незабележливи и неповторливи нешта, бездушно ги сакатиме. Но за тоа како и за с`е друго радосно, големо во нашиот живот дури подоцна дознаваме, дури на крајот. Тогаш дури ни се отвораат очите, велиме, о, како сме прелагани, пријателе. Тогаш крај му нема на нашиот очај, предоцна, пријателе. Проклет да бидам, така беше и овој пат.

Најпосле, Кејтеновиот син беше фатен на дело. Сигурно, тоа можеше и да се очекува, очигледно беше неговото отсуство, господе, колку беше тој внесен во својата работа, во тоа дрво, се чинеше немаше ништо повредно за него од тоа дрво. Сигурно некој го видел како се мушка низ дворот, му го пронашол скривалиштето, деноноќно го демнел. Но најчудно беше нешто друго, најчудно беше содржината, податоците за сета таа работа што стоеја во рефератот на Методија Гришкоски. Проклет да бидам, реферат. Тој со неверојатна педантност, до ситници, со денови, со дати, со опис на временските прилики, мошне стилски, уметнички како некој роман, како на тоа да работел целиот живот, го имаше приготвено рефератот за Кејтеновата „злоупотреба“. Се колнам, беше с`е забележано, од првиот ден, од часот кога ги растоваравме дрвјата, нашиот разговор, капутчето, распараниот астар на капутчето, пазувата каде што го криел дрвцето, местото каде што работел, местата каде што ги закопувал делканиците, делканиците како факт, ножето со кое копал по дрвото, с`е, с`е имаше во тој реферат, севозможни глупости. Проклет да бидам, делканици.

— Прекрасно, прекрасен реферат! — се восхитуваше татенцето, другарката Оливера Срезоска само што не се расплака, од с`е, срце, со пламени зборови го пофали другарот Методија Гришкоски. — Тоа е вистински реферат, — рече, — еден ваков реферат би бил чест за многумина наши постари другари. Сто вакви реферати и победата е наша, занесно продолжи татенцето, како во дует да говореа со другарката Оливера Срезоска. — Тоа е успех за целиот наш колектив во секој поглед, — искажа татенцето, а во тој миг Оливера Срезоска даде знак за аплауз. Проклет да бидам, аплауз. Го поздравувавме нашиот истакнат другар Методија Гришоски, Мајмун. Проклети мајмуни, сакав да викнам.

Кутриот Кејтен! Кутриот мој пријател Исак Кејтен, Кејтеновиот син. Тој беше виновникот, тој беше одделен, беше изваден настрана од сите нас во едно ќоше. Ја чекаше својата казна, своето понижување кое со ништо не го заслужи. Попусто сите тие месеци беше толку примерен и вреден.

— Маската падна, — рече татенцето со победоносен тон како да го чекал само овој миг, — маската падна, — повтори, — камуфлажата не трае долго, како пудрата што кај нечесната жена се брише (уште спореди татенцето), — како пудрата што не може да го прикрие лицето на нечесната жена, — додаде некако деликатно, искусно. — Секој оној што посегнал кон нечесно дело далеку не ќе втаса, рече потоа строго, сурово, познато. — Запомни, — му рече свирнувајќи му две колку за почеток, — силата на колективот е огромна. Запомни го тоа проклето момче, му ја свирна третата.

— Што да запомнам, Аритоне Јаковлески? — праша Кејтеновиот син како воопшто да не беше тепан; тоа беше негова најголема грешка. Проклет да бидам, никогаш, не издржуваше при слични неправди. О, Боже, по толку ука, по с`е — тој пак се осмели да праша.

Аритон Јаковлевски, Оливера Срезоска, воспитувачите и учителите зинаа од чудо. Каква дрскост! Како да не поверуваа оти тој решителен, јасен глас доаѓа од ќоше, од она место каде што беше Кејтеновиот син. Управителот избезумено се сврти кон него. Праша:

— Уште ја отвораш устата, скоту, — изусти одвај задржувајќи ги милионите тони бес.

Но сега и Кејтеновиот син како да беше решен да оди докрај. Проклет да бидам, крај. Сосема мирно, но со оној решителен, јасен глас одговори:

— Сакам да запомнам, Аритоне Јаковлески, — непопустливо рече Кејтеновиот син подигнувајќи ја главата од душемето, смело, дрско загледувајќи се во очите на силниот управител.

Аритон Јаковлески малку како да позастана, како да не разбра, некако неодредено погледот му залута по салата, а потоа се закова на оној ѕид каде што висеше домскиот часовник.

Часовникот веќе одамна не работеше.

Се наоколу беше глуво, застанато. На секој предмет паднала голема неизвесност и чекање.

— Ах, така! — процеди татенцето, го грабна она дрво и нем од лутина се упати кон Кејтеновиот син.

— Кејтен, Кејтенов сине, — го довикував ли, се молев ли, ја скрив главата под клупа за да не видам, за да не верувам. — Збогум Кејтене, — прошепотев, — збогум мил пријателе, — мислев дека дошол часот на разделбата. Проклет да бидам, разделба.

Никогаш не ќе разберам што се случи со нашето татенце, никогаш додека сум жив чинев не ќе разберам каков ветар удри во неговото срце. Наместо очекуваниот гром, наместо веќе познатата постапка, тој само праша:

— Зошто си крадел, Кејтенов сине?

Првпат го нарече со неговото име, Кејтенов сине.

Кејтеновиот син исто така беше изненаден, очигледно збунет, тивко промрморе:

— Не сум крадел, — рече, — ништо не сум украл, — другар Аритоне.

— Како не си крадел, — рече строго, — еве, си крадел, — му го покажа она дрвото. Ах, кога Кејтеновиот син би можел да признае, кога навистина Кејтеновиот син би признал такво нешто, можеби старчето и би му простило. Но Кејтеновиот син не признаваше, рече:

— Никогаш не сум крадел, — одговори, — нишнувајќи ја главата нагоре, на свој начин и јас со сигурност знаев дека никогаш не крадел и нема да се обиде.

— Никогаш не си крадел, — тоа повторно го разбесни татенцето, — ти си жив арамија, ти си роден арамија, разбојник!

— Не се памети Ране некогаш нешто од некого да украл, — не без гордост рече Кејтеновиот син. Сега првпат откако бевме заедно во домот, го спомна името на својот татко Ране Кејтен. Потоа додаде: — Не се памети некој од Кејтенскиот род некогаш да крадел, Аритоне Јаковлески, гледаше право во негово лице, како чист, праведен човек.

— Ти си проблем Кејтен, — промрморе татенцето, — голем проблем, тогаш што си сакал, врашко момче, да направиш со ова дрво?

Кејтеновиот син не одговори веднаш, како фатен во стапица ја наведна главата, помолче. Се чу оти тивко, болно липа. Господе, Кејтен плачеше, одвај поземаше душа, како да не му достигаше воздух, се давеше. Тоа траеше неколку векови. Проклет да бидам, милиони векови. С`е така со глава кон душемето, како вистински крадец тихо, немоќно одговори:

— Сакав да направам мајка, — шепна Кејтеновиот син. Проклет да бидам, токму тоа: мајка.

Во училницата настана чудна тишина. Во мигот сите очи се свртија кон дрвото што беше во рацете на Аритон Јаковлески. Господе, господе боже мој! Тоа веќе не беше дрво, проклет да бидам, тоа беше мајка. Првпат и татенцето остана вкопан на место, збунет, потресен, без одговор.

— Се колнам, — не престануваше Кејтеновиот син, о боже, никогаш не бил таков, — се колнам, Аритоне Јаковлески, тоа е мајка.

Децата како под команда станаа од своите места. Сите очи жедно беа свртени кон тоа дрво.

— Мајка, — очигледно збунето рече татенцето. И луѓе мои, луѓе златни, проклет да бидам, толку нежно го доближи тоа дрво до своите очи, почнаа некако чудно, долго да го гледа. Луѓе мои, се колнам, тоа беше мајка, вистинска мајка, видовме какo рацете на татенцето попуштија, се занишаа. Луѓе мои, се колнам, рацете на татенцето беа слаби, видовме, влезе во него водата, го однесе, не вадејќи го погледот од тоа чудно изделкано дрвце на полуглас, како за себе повтори: — Мајка, — па погледна во Кејтен, во сите нас, направи нешто што никогаш не можевме да го замислиме, нешто што не ќе може да се раскаже и со најубави зборови во својата целост, вистина, но нешто што мора да постои, што го чува човека од најголемиот мраз, нешто што неискоренливо мора да живее во човекот, во секој човек, го подигна уште еднаш дрвото блиску до своите очи и, со глас што дотогаш не го имавме чуено, изусти: — Зар толку часови по снег, зар толку денови на студ, зар толку страв, — мрмореше Аритон Јаковлески. — О, ѓаволски деца, толку снег, толку студ, — сеедно повтораше татенцето, како избезумен, како однесен. Проклет да бидам, однесен.

Кејтеновиот син молчеше, сите ние молчевме. Се колнам, само нашите очи, нашите погледи исто така тивко му говореа, — да татенце, толку студ, толку снег, толку страв, ништо тоа не е кога се има мајка, не студи, татенце, не боли кога се има мајка…

— Да, да, — рече тој разбирајќи ги нашите погледи, нашите срца, и, проклет да бидам, сосема нежно, внимателно, со тресливи раце му го подаде дрвцето на Кејтеновиот син. — Држи, Кејтенов сине, — му рече со мака, со слаба, болна насмевка, што потоа брзо му згасна на жолтото мустаче, — држи, тоа е твое, Кејтене.

Проклет да бидам, никој не знаеше што се случи со татенцето. Се колнам, никој не знае што се случува со човековото срце. Тој ден сите деца од ред, сите ние остаревме за многу години, за многу векови. Кутриот човек, самиот се казни за с`е во домот. О, неразбирливо човеково срце. Проклет да бидам, ако за некого во животот повеќе сме се молеле на господа отколку за нашето татенце, за нашиот стар управител на домот, другарот Аритон Јаковлески.


Во Охрид, 1966–1971

Загрузка...